Лесли Р. Вогел, мајката на Хејден Панетиер, објасни зошто не присуствувала на собирот во спомен на својата почината ќерка, одржан во септември.
„Едноставно не сакав да создавам дополнителни тензии. Веројатно така беше најдобро“, изјави 70-годишната Вогел во емисијата „Инсајд едишн“, емитувана во понеделникот, на 16 ноември.
Вогел рече дека последен пат разговарала со Хејден во „септември или октомври 2025 година“. За нивниот одамна сложен однос додаде: „Сигурно имаше многу подеми и падови“.
„Таа беше многу среќна и поминувавме навистина многу време заедно сè додека не наполни околу 16 години. Потоа, кога стана заштитното лице на големиот телевизиски хит „Херои“, работите почнаа да се менуваат“, тврдеше Вогел.
Ѕвездата на „Нешвил“ во ексклузивен разговор за „Ас викли“ во 2025 година откри дека во тој период таа и мајка ѝ немале никаков однос.
„Тоа не значи дека не оставам отворена врата за можноста еден ден нешто да се промени“, додаде актерката. „Тешко ми е да го кажам ова, но решив да бидам брутално искрена. Тоа е вистината“.
Хејден призна дека дел од тензиите произлегувале од тоа што Вогел ја водела нејзината кариера додека била дете-ѕвезда. Нивната професионална соработка завршила кога актерката имала 19 години.
„Толку длабоко ми е врежана потребата да им угодувам на другите. Кога одев на снимање, сè се вртеше околу тоа да бидам професионална, да ја одиграм сцената беспрекорно и секогаш да бидам на точното место. Морав да бидам совршена. Убаво беше да слушнам пофалби од режисерите или продуцентите, но без одобрувањето од мајка ми, ништо друго немаше значење“, изјави Панетиер за „Ас викли“ во мај. „Имав чувство дека на 12 години минувам низ криза на идентитетот. Не знаев која сум“.

Хејден во август била пронајдена без свест во стан во Гринвил, Јужна Каролина. Истрагата подоцна утврдила дека смртта била несреќен случај, предизвикан од „токсичните ефекти на фентанил, 4-ANPP, алпразолам, метокарбамол и кветиапин“.
По смртта на ќерка си, Вогел во август изјави за „Дејли мејл“ дека „во никој случај не била насилна“ додека ја водела кариерата на Хејден.
„Мислам дека Хејден самата си создаваше притисок“, рече Вогел. „Знам дека има споменато дека секогаш морала да ѝ угодува на мама или да се погрижи да успее. Јас не ѝ го наметнав тоа. Мислам дека самата си го наметна“.
Извор: US Weekly