Став: Нашето минато нема веќе време!


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Да се биде изненаден од официјалната бугарска политика кон македонското прашање е резултат на несериозно или преоптимистичко гледање на работите. Воопшто не треба ниту да се споменуваат ниту цитати ниту фигури од политичката структура на Бугарија. Ставот на Бугарија кон македонскиот национален идентитет е непроменлив.

Слично, преоптимистички е да се смета дека Европска Унија би извршила [сериозен] притисок над Бугарија за да попуштат во поглед на македонското прашање. Притисокот на ЕУ кон Бугарија е еднаков на интересот на ЕУ за [брз] прием на земјите од Западен Балкан. А тој е многу мал, посебно во услови кога Европска Унија, во време на ковид-19 пандемија и брегзит, си има концептуални проблеми. Ете, Германија е со нас, како што и Михаел Рот потенцираше, но којзнае, можеби алудираат на тоа дека сме заедно во иста квалификациска група за СП 2022. Таму сме сигурно заедно. Се разбира, постои можност таа ситуација брзо да се промени и Македонија да отпочне преговори со Европската Унија, но тоа во никој случај нема да значи дека прашањето на релација со Бугарија е завршено и решено.

Што е суштината на македонското прашање од аспект на Бугарија? Бугарија бара да го преиспитаме нашето минато. Тоа го бараше и Грција – и го преиспитавме. Веројатно тоа ќе го бара и Србија, во дадени услови и околности во [блиска] иднина. Да не бидеме зачудени и тогаш од политичкиот концепт етнофилетизам – појава кај православните држави, каде што црквата и нацијата се израмнуваат. Во превод: ако немаш своја црква, тогаш немаш нација. Иако етничкиот тип на нации се темели на јазикот, сепак и религијата / црквата имаат своја значајна, а понекогаш и главна улога. Па така, секој што негира нечиј национален идентитет, го негира она што му е најслично кај другиот.

Преиспитувањето на заедничкото минато меѓу современата македонска држава и современата грчка држава, кулминираше со потпишувањето и имплементацијата на договорот од Преспа. Не е чудно ако преиспитувањето на заедничката историја меѓу Македонија и Бугарија доживее сличен, зеленомасен епилог, на основа на договорот за пријателство, добрососедство и соработка. А, доколку добро се анализира тој документ, ќе се види дека самата суштина на договорот е испреплетена меѓу фини генерички, џентлменски ставки за соработка и унапредување на односите меѓу двете земји. На пример, во самиот вовед кон договорот стои дека треба да се има во предвид „заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи“; или пак, чл. 8, точка 1, каде што државите се обврзуваат да чествуваат заеднички историски настани и личности. Суштината е дека од бугарска призма, заеднички значи бугарски.

Македонскиот народ има многу заедничко со многу народи, не само со бугарскиот. На пример, и денешните Македонци и денешните Бугари, и денешните Срби, па и Грци, долги векови биле под ист, православен милет (нешто налик на нација во отоманско време). Но не значи дека во заедничките работи, немало значајна посебност.
Растот на македонската нација е класичен пример за природен развој на национален идентитет. Кај повеќето [балкански] нации, се среќава одреден надворешен фактор кон националниот поттик, додека кај Македонците, очигледен е природниот премин од регионален идентитет во национален, главно инспириран од проблемите доживеани од оние кои тврделе дека се „исти“.

Кај низа автори уште кон крајот на 19-ти век и почетокот на 20-ти век (Спиридон Гопчевиќ, Стојан Новаковиќ, па и Јован Цвијиќ), може да се најдат значајни аргументи за постоење на посебен македонски идентитет, или во најмала рака, се гледа дека народот што живеел во Македонија имал чувство дека не е ниту едно, ниту друго, туку нешто сосема поинакво. Не треба да се претерува со тврдење дека и кај нациите кои се афирмирале пред македонската имало масовен национален идентитет. Тоа не е точно. Масовизацијата на идентитетот доаѓа постепено, главно преку институционалните обележја. Кај Македонците, пак, ако на некого сѐ уште не му било јасно дека не е Србин или Бугарин и откако веќе постоел посебен македонски идентитет, му станало – и по српската и по бугарската власт. Наспроти тоа, официјална Бугарија, пак, тврди дека Македонците магично се конвертирале за време на социјалистичкиот режим, кога Тито ја измислил македонската нација.

Македонскиот национален идентитет како чувство постоел децении претходно, но тој добил шанса да се реализира при формирањето на современата македонска држава. Има огромна разлика од можноста за реализација и нагло измислување.

Бугарија инсистира на варијанта на измислена нација, наместо реализирана нација. Оттаму доаѓа и нивната призма на заедничка историја: до југословенските времиња, денешните Македонци биле Бугари, но со текот на времето, Македонците станале нешто друго, т.е. се променил бугарскиот идентитет. Па така, видни историски личности од 19-ти век, па и 20-ти век, можат да бидат заеднички, ама бугарски заеднички, а не заеднички и македонски и бугарски. И ѓаволот и ветото се наоѓаат во деталите.

Бугарија [ќе] нема проблем да признае дека денес постои македонски јазик и македонска нација, ако корените на таа нација се наоѓаат во бугарски национален идентитет од крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век, па сѐ до трансформацијата под југословенските времиња. А што добива Бугарија со тоа? Тешко е да се предвиди од оваа позиција. Ако ништо друго, барем ќе го нахранат повреденото его, дека заради низа геополитички околности, некој им украл дел од нацијата. Исто како што е духовно полесно твојот тим да изгуби во фудбалски меч со нерегуларен гол.

Наспроти низа научни аргументи за постоење на дистинктивен македонски идентитет далеку пред познаникот Тито, во полза на Бугарија оди процесот на издавање на бугарски државјанства. Секое доделено бугарско државјанство на Македонец (етнос) претставува чекор напред во реализацијата на идејата на Бугарија за преиспитувањето на македонското минато. Секое бугарско државјанство за Македонци се доделува по аспект на потекло. Да, тоа значи дека денешните Македонци, кои имаат бугарско државјанство, имаат предок кој бил Бугарин. Она што Бугарија го тврди. Дека некогаш ние сме биле Бугари. Денес, секој Македонец кој има (и) бугарско државјанство, може да се декларира како Македонец, па и како Еским, како последен Мохиканец, како Џедај,… но начинот на кој го стекнал бугарското државјанство недвојбено кажува дека неговото потекло е бугарско. Она што Бугарија го тврди. Па така, ако неговиот дедо бил Бугарин, а тој Македонец, што кажува тоа? Кажува дека магично сме го промениле идентитетот.
Она што Бугарија го тврди.

И така, се доаѓа до максимално незгодната ситуација – што подалеку сме од Европската Унија, каква и да е таа, толку подалеку сме и од нашето идентитетско минато, кое е понеизвесно од нашата иднина. А не бидува поинаку. Решението не се наоѓа во трансформација на геополитичкиот видик кон некои унии и заедници каде што членуваат некои средноазиски демократии како Туркменистан. Ако беше таму иднината, ќе го немавме проблемот со Бугарија – не за вето, туку за бугаризација на нашите предци со современи државјанства. Исправноста на државниот пат се гледа од индивидуалниот.

Јас немам намера да судам. Ниту да давам решенија. Само констатирам.

Автор: Горан Китевски (доктор по географски науки)