Ноам Чомски: Орвеловата двомисла како начело на нашето време


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Разговорот го водел Дејвид Барсамиан, кој интервјуата со современиот лингвист, филозоф, историски и политички аналитичар Ноам Чомски ги има издадено во неколку книги


Да се фокусираме веднаш на најголемиот кошмар на денешницата, војната во Украина и нејзините глобални последици. Но, најнапред да се потсетиме на позадината. Можеме да почнеме од ветувањето кое претседателот Џорџ Буш Постариот своевремено му го даде на тогашниот советски претседател Михаил Горбачов дека НАТО „нема да се помести ни еден инч на исток“, а со сигурност знаеме дека тоа ветување беше дадено. Моето прашање за вас гласи: Зошто Горбачов не барал тоа да се стави на хартија?

Прифатил џентлменски договор, што не е така невообичаено во дипломатијата. Ракувањето и дадениот збор. Во суштина, тој документ ништо не би сменил. Договорите на хартија постојано се кинат. Важни се добронамерноста и искреноста. Буш, всушност, експлицитно го почитуваше тој договор и ветување. Дури направи и чекор напред со предлог за основање на партнерство за мир, кое би ги опфатило земјите од Евроазија. НАТО не би бил распуштен, но би бил маргинализиран. Земји како Таџикистан, на пример, би можеле да се придружат иако формално не би биле членки на НАТО. Тоа би било чекор кон создавање заеднички европски дом без воени алијанси, како што рече тој.

И Клинтон се држеше до тој договор во текот на неговите први години како претседател. Експертите велат дека некаде во 1994 година Клинтон почна „да седи на два стола“. На Русите им велеше: Да, ќе го почитуваме ветувањето. На полската заедница во САД и на други етнички малцинства им велеше: Без гајле, ќе ве внесеме во НАТО. Отприлика во 1996-97 година Клинтон доста категорично тоа му го рече и на рускиот претседател и негов пријател, Борис Јелцин, кому му помогна да победи на изборите во 1996 година: Немојте премногу сериозно да ја сфатите таа работа со НАТО. Ќе се шириме, но мене тоа ми е потребно само заради гласовите на малцинствата во САД.

Во 1997 година Клинтон ги повика таканаречените Вишеградски земји – Унгарија, Чехословачка, Романија – да се придружат на НАТО. На Русите тоа не им се допадна, но не правеа голем проблем. Потоа се придружија некои Балтички земји и тоа, повторно, помина мирно. Буш Помладиот, кој беше сосема поразличен од Постариот, во 2008 година ги покани Грузија и Украина да влезат во НАТО. Секој американски дипломат многу добро знаеше дека Грузија и Украина се црвените линии за Русија. На други места Русите ќе го толерираат проширувањето на НАТО, но овде не, бидејќи тие земји се во нивниот чувствителен геостратешки појас. Во продолжение на приказната, во 2014 година протестите на Мајдан го срушија прорускиот претседател на Украина и со тоа земјата се сврте кон Запад.

Од 2014 година САД и НАТО на големо доставуваат оружје во Украина, најсовремено оружје, а да не ги заборавиме ни воените обуки и заедничките воени вежби. Сите тие беа потези кои водат кон зачленување на Украина во НАТО. Тоа не е никаква тајна, сето тоа се правеше отворено. Со тоа неодамна се фалеше и Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Секако, сето тоа беше многу свесно, очигледно провокативно. Знаеја дека секој руски лидер нивниот потег ќе го смета за неподнослив. Франција и Германија во 2008 година ставија вето, но под притисок на САД, програмата не беше тргната од дневен ред. И тогаш НАТО, што значи САД, продолжи да го забрзува зачленувањето на Украина.

Володимир Зеленски беше избран за претседател на Украина во 2019 година со убедливо мнозинство – ми се чини околу 70% од гласовите – врз основа на мировната платформа, план за постигнување мир со Источна Украина и Русија, што би значело решавање на проблемите. И тој почна да работи на тоа и се обиде да појди во Донбас, руски ориентираниот источноукраински регион, со цел да го имплементира договорот Минск 2. Тоа значеше некаква федерализација на Украина, со извесен степен на автономија на Донбас, како што сакаше тамошното население. Нешто слично како Швајцарија и Белгија. Во тоа го спречи десничарската милиција, која му се закануваше дека ќе го убие ако продолжи да ја спроведува таа програма.

Зеленски е храбар човек. Можеше да продолжи со тоа да ја имаше поддршката од САД. Но, тие одбија да му ја дадат. Нема поддршка, нема ништо, оставен беше на цедило и мораше да се повлече од таа намера. САД беа решени да ја внесат Украина во НАТО, чекор по чекор. Тоа се забрза кога за претседател беше избран Бајден. Во септември, 2021 година, тоа го пишуваше на официјалната страница од Белата куќа. Секако дека Русите го знаеја тоа. Бајден ја најави програмата, заедничко соопштение за забрзување на процесот на воени обуки, воени вежби и испорака на оружје како дел од она кое неговата администрација го нарекуваше „засилена програма“ за подготовка за членство во НАТО.

Во ноември следеше ново забрзување. Сето тоа се случуваше пред воената инвазија. Државниот секретар Ентони Блинкен потпиша таканаречена повелба, со која тој аранжман беше суштински официјализиран и проширен. Портпаролот на Стејт департментот призна дека СД пред руската инвазија одбиле да расправаат за руските безбедносни грижи. Сето тоа е дел од позадината. Путин на 24. февруари ја нападна Украина, нешто што претставува злосторничка инвазија. Сериозните провокации кои му претходеа не даваат оправдување за тој чин. Да беше Путин државник, ќе направеше нешто сосема друго. Повторно би отишол кај францускиот претседател Емануел Макрон, би ги прифатил неговите рамковни предлози и би се обидел да се договори со Европа, да преземе чекори кон заеднички европски дом.

САД, секако, секогаш се противеле на тоа. Може тоа да се следи назад низ времето до периодот на Студената војна, до иницијативата на претседателот Де Гол за создавање независна Европа. Како што велеше тој, „Од Атлантикот до Урал“, што значи здружување на Русија и Западот, нешто што би било сосема природен чекор, како од економски причини, така и до безбедносни, како што можеме да видиме. Значи, да имаше некој државник во потесното опкружување на Путин, тие би ја прифатиле иницијативата на Макрон и би експериментирале со цел да видат дали можат да се здружат со Европа и да ја спречат кризата. Наместо тоа, избраа политика која, од руско гледиште, е целосно имбецилна. На страна злосторничкиот карактер на инвазијата, Путин одбра политика која Европа ја турна длабоко во американскиот џеб. Всушност, таа политика ги наведува Шведска и Финска да влезат во НАТО – најлош можен исход од руска перспектива, сосема независно од злосторничката природа на инвазијата и доста сериозните загуби кои Русија ги трпи поради истата.

Значи, криминал и глупост од страна на Кремљ, сериозни провокации од страна на САД. Дали можеме да се обидеме да му ставиме крај на овој ужас? Или би требало да го одржуваме? Тој е нашиот избор.

Постои само еден начин ова да се завржи – дипломатијата. А неа, по дефиниција, мора да ја прифатат двете страни. Иако не ја сакаат, мора да ја прифатат како најмалку лоша опција. На Путин на тој начин ќе му биде обезбедено повлекување. Тоа е единствената можност. Другата опција е целата работа да се развлекува за да се види колку ќе страдаат сите, колку Украинци ќе го загубат животот, колку ќе трпи Русија, колку милиони луѓе ќе умрат од глад во Азија и Африка, колку понатаму ќе ја загреваме животната средина сè додека повеќе нема да има можност за човечки живот. Тие се опциите. Со едногласност од речиси 100% САД и поголемиот дел од Европа сакаат да ја одберат недипломатската опција. И тие тоа отворено го кажуваат: Мораме да продолжиме да ја подриваме Русија.

Можете да прочитате колумни во Њујорк Тајмс, во лондонскиот Фајненшл Тајмс и ширум Европа. Вообичаениот рефрен гласи: Мораме да се погрижиме Русија да страда. Не е важно што ѝ се случува на Украина или на било кој друг. Секако, тоа коцкање тргнува од претпоставката дека Путин, ако биде притиснат до ѕид, ако не му се остави никаков излез, ќе мора да го признае поразот, дека ќе мора да го прифати и нема да го употреби оружјето со кое располага за да ја уништи Украина.

Има многу нешта кои Русите уште ги немаат направено. Западните аналитичари се чудат на тоа. На пример, ги немаат пресечено линиите преку кои Западот ја снабдува Украина со оружје, а кои поминуваат низ Полска. Извесно е дека можат да го направат тоа. А тоа доста брзо ќе ги доведе во директен судир со НАТО, што значи со САД. Можете да погодите каде води тоа. Секому кој ги следи воените игри му е јасно дека тоа е качување по скалилата на ескалација кон смртоносна нуклеарна војна.

Всушност, тоа се игри кои ги играме со животите на Украинците, Азијците и Африканците, со иднината на цивилизацијата, само за да ја ослабиме Русија, само за да сме сигурни дека доволно страдала. Во ред, ако сакате да ја играте таа игра, барем отворено кажете го тоа. Не барајте морална основа за тоа, бидејќи ја нема. Всушност, морално гледано, тоа е ужасно. Кога ќе размислиме за сите ризици, гледаме дека луѓето кои држат предавања за одбрана на принципите, заправо, се морални имбецили.

Во медиумите и меѓу политичарите во САД, а веројатно и во Европа, има голем морален гнев заради руското варварство, воените злосторства и ѕверства. Нема сомнеж дека тие работи се случуваат, како што се случуваат во секоја војна. Но, зарем не ви се чини дека тој морален гнев е по малку селективен?

Моралниот гнев е сосема на место. Треба да се чувствува морален гнев. Но, ако одите на глобалниот југ, ќе се уверите дека тие луѓе таму не можат да поверуваат на она што го гледаат. Секако, ја осудуваат војната. Тоа е гнасен чин на агресија. Потоа се вртат накај Западот и велат: „За што зборувате вие, луѓе? Па вие тоа нам постојано ни го правите“.

Разликите во коментарите се доста интересни. Го читате Њујорк Тајмс и неговиот голем мислител Томас Фридман кој пред неколку недели напиша колумна во која само очајуваше. Изјави: „Што можеме да правиме? Како да живееме во свет со таков воен злосторник? Не очекувавме дека ќе се појави таков после Хитлер. Во Русија имаме воен злосторник. Не знаеме што да правиме. Не верувавме дека некаде уште може да постои воен злосторник“.

Кога луѓето од глобалниот југ го слушаат ова, не знаат дали да се смејат или да го исмеваат тоа. Низ цел Вашингтон се шетаат воени злосторници. Всушност, ние многу добро знаеме што да правиме со нашите воени злосторници. Руската инвазија на Украина се случи 20 години после американската инвазија на Авганистан. Да се потсетиме, таа инвазија ама баш со ништо не беше предизвикана и светското мнение силно се противеше на истата. Во тоа време беше објавено интервју со вршителот на тоа злосторство, Џорџ Буш Помладиот, кој потоа отиде понатаму со инвазиите, напаѓајќи го Ирак, – поточно, интервју со воен злосторник. Тоа интервју беше објавено во Вашингтон Пост, на неговите страници посветени на животен стил. Симпатичното, детинесто деде, како што го опишуваа, си играше со своите внуци, се шегуваше и ги покажуваше портретите од познатите луѓе со кои се сретнал и ги насликал. Прекрасна, пријателска средина.

Значи, ние знаеме како да постапуваме со нашите воени злосторници. Томас Фридман не е во право. Ние многу добро знаеме што да правиме со нив.

Или, земете го на пример, големиот воен злосторник на модерната доба, Хенри Кисинџер. Со него се однесуваме не само човечки, туку и со големо воодушевување. На крајот, тој е човекот кој ја пренесе наредбата до Воздухопловните сили за интензивно бомбардирање на Камбоџа – „Сè што лета на сè што се движи“, така рече тој. Не ми е познато дали архивите чуваат сличен пример на повик за геноцид. Следеше доста интензивно бомбардирање на Камбоџа. За тоа не знаеме многу, затоа што не си ги истражуваме сопствените злосторства. Но, тоа го опишаа Тејлор Овен и Бен Кирнан, сериозни историчари кои се занимаваат со Камбоџа. Потоа, тука е и нашата улога во рушењето на чилеанската влада на чело со Салвадор Аљенде и воспоставување на опасна диктатура во таа земја. И така натаму. Значи, знаеме како да постапуваме со нашите воени злосторници. Но, Томас Фридман не е способен да замисли ништо слично на војната во Украина, ниту имаше некаков коментар на неговиот текст, што значи дека неговите читатели го сметале за сосема разумен. Тешко дека „селективност“ е доволно добар збор за ова. Тоа е повеќе од запрепастувачки. Значи, да, моралниот гнев е сосема на место. Добро е што Американците конечно почнуваат да изразуваат гнев кон големите воени злосторства кои ги направил некој друг.

Од една страна, руската војска е невешта и неспособна. Моралот на нејзините војници е доста низок, а војсководството е лошо. Нејзината економија е на ниво на италијанската и шпанската. Од друга страна, Русија е воен џин кој нас сериозно не загрозува. Затоа ни е потребно уште повеќе оружје. Ајде да го прошириме НАТО. Успевате ли да се помирите со овие две противречни мисли?

Тие две мисли се стандардот на целиот Запад. Сега брзо имав едно долго интервју во Шведска за плановите на таа земја да се зачлени во НАТО. Укажав на тоа дека шведскиот политички врв има две противречни идеи, тие кои вие ги спомнувате. Едната е насладувањето со фактот дека Русија се покажа како тигар од хартија кој не е во состојба да освои ни градови кои му се на дофат, до неговите граници, градови кои главно ги брани граѓанска војска. Русите, значи, воено се целосно неспособни. Од друга страна, Русите се спремни да го освојат Западот и да го уништат.

Џорџ Орвел има смислено име за тоа: двомисла, способност во главата истовремено да се имаат две противречни идеи и да се верува и во двете. Орвел се излага кога мислеше дека тоа може да постои само во ултратоталитарното општество кое сатирично го опиша во 1984. Погреши. Тоа може да постои и во слободните демократски општества. Токму сега гледаме таков драматичен пример. И тоа не е прв пат.

Таквата двомисла, на пример, е карактеристична за мислењето во периодот на Студената војна. Сетете се на главниот документ за Студената војна од тоа време – NSC-68 (Извештајот на советот за национална безбедност), од 1950 година. Ако внимателно го погледнете тој документ, ќе ви стане јасно дека самата Европа, без САД, била воено еднаква со Русија. Но, секако, ние и понатаму сме морале да имаме огромен пораст на вооружувањето за да се спротивставиме на плановите на Кремљ, кој планираше да го освои светот.

Тоа беше свесен пристап. Дин Ачесон, еден од авторите, подоцна изјави дека било нужно да се биде „појасен од вистината“ – негови зборови – за да се разбие масовната свест на владата. Сакаме да протуркаме голем воен буџет и затоа мора да сме „појасни од вистината“, така што ќе измислиме ропска држава која се спрема да го освои светот. Таквото мислење беше типично за Студената војна. Би можел да ви наведам и многу други примери, но сега повторно гледаме доста драматична верзија на таквото мислење. Вие точно го кажавте тоа – тие две идеи го имаат опседнато Западот.

Интересно е и тоа што дипломатот Џорџ Кенан ја предвиде опасноста од придвижување на НАТО на Исток во неговата доста пророчка статија која во 1997 година беше објавена во Њујорк Тајмс.

Кенан се противеше на идеите од NSC-68. То, всушност, беше директор на кадровската политика на Стејт Департментот. Беше шутнат и заменет со Пол Ниц. Го сметаа за премногу мек за таков суров свет. Тој беше јастреб, радикален антикомунист, и самиот прилично брутален кога стануваше збор за позициите на САД, но сфати дека конфронтирањето со Русија нема смисла.

Мислеше дека Русија на крајот самата ќе се распадне од внатрешните противречност. Се покажа дека бил во право. Но, цело време го сметаа за премногу благ. Тој во 1952 година беше за обединување на двете Германии надвор од вената алијанса НАТО. Тоа беше предлог од советскиот водач Јосиф Сталин. Кенан беше амбасадор во Советскиот Сојуз и експерт за Русија.

Иницијатива на Сталин. Предлог на Кенан. Некои Европјани го поддржуваа тоа. На тој начин ќе се завршеше Студената војна. Германија би станала неутрална, би се демилитаризирала и не би му припаѓала на ниту еден воен блок. Во Вашингтон безмалку сосема го игнорирале тој предлог.

Го имавме угледниот експерт за надворешна политика Џејмс Варбург, кој за тоа напиша книга вредна да се прочита под наслов Германија: Клуч за мир (Germany: Key to Peace). Говореше дека таа идеја треба сериозно да се сфати. Беше игнориран, исмеан. Тоа го имам споменато неколку пати, па и самиот бев исмеван како умоболен. Како можете да верувате во Сталин? Е па, архивите се отворени. Се покажа дека Сталин навистина го мислел тоа што го предложил. Сега ги читате водечките историчари за Студената војна, луѓе како Мелвин Лефлер, и тие признаваат дека тогаш постоела реална приказна за мирно решение, но дека била отфрлена во корист на милитаризацијата, огромното зголемување на воениот буџет. Ајде сега да се префрлиме на администрацијата на Кенеди. Кога Џон Кенеди стапи на должност, Никита Хрушчов, кој тогаш беше на чело на Русија, предложи крупно обострано намалување на офанзивното вооружување, што би вродило со значајно попуштање на тензиите. САД тогаш беа далеку пред Русија во воена смисла. Хрушчов сакаше да го придвижи економскиот развој на Русија, но сфати дека тоа не е возможно во ситуација на воена конфронтација со многу побогат противник. Најпрво таа понуда му ја предложи на претседателот Двајт Ајзенхауер, кој не обрна внимание на истата, а потоа и на Кенеди. Администрацијата на Кенеди на тоа одговори со најголемото мирнодопско зголемување на воените сили кое е видено во историјата – иако сите знаеја дека САД воено се далеку пред Советскиот Сојуз.

САД тогаш го смислија таканаречениот „ракетен јаз“. Русија е на пат да не загрози со својата ракетна надмоќ. Кога ракетите беа внимателно преброени, се покажа дека САД се многу подобро опремени на тоа поле. Русија дали имаше четири ракети во некоја воздушна база таму некаде.

Вака можеме долго да набројуваме. Безбедноста на граѓаните едноставно не е грижа на креаторите на политиките. Безбедноста на привилегираните, богати, на корпоративниот сектор, производителите на оружје – таа е битна, но не и безбедноста на нам, останатите. Таа двомисла е постојана, некогаш свесна, некогаш несвесна. Токму тоа го опиша и Орвел – хипертоталитаризам во слободно општество.

Во една статија во Трутаут го цитирате говорот од Ајзенхауер од 1953 година, „Желенизот крст“. Што ви беше интересно во него?

Треба да го прочитате, тогаш ќе видите што е интересно во него. Тој е неговиот најдобар говор. Тоа беше во 1953 година, кога штотуку стапи на должност. Во суштина, рече дека милитаризацијата е стравичен напад врз нашето сопствено општество. Го кажа тоа – тој, или можеби оној кој му го пишувал говорот – доста елоквентно. Еден борбен авион значи многу помалку школи и болници. Кога и да го зголемиме воениот буџет, се напаѓаме самите себеси.

Тоа го кажа јасно и детално, и побара намалување на воениот буџет. Правеше и тој прилично страшни работи, но со тоа ја погоди суштината. Тие зборови на сите треба да им бидат врежани во сеќавањето. Бајден неодамна предложи огромен воен буџет. Конгресот дополнително го зголеми истиот, што претставува стравичен напад врз нашето општество, како што објасни Ајзенхауер пред многу години.

Нашето оправдување е дека мора да се браниме од хартиениот тигар, толку воено неспособен што не може да се помести неколку километри од своите граници, а да не се распадне. Значи, со чудовишниот воен буџет сериозно ќе си наштетиме на самите себе и ќе го загрозиме светот со трошење на огромни ресурси кои ќе ни бидат неопходни во многу посериозната егзистенцијална криза со која се соочуваме. Во меѓувреме, сиромашните даночни обврзници истураат пари во џебовите на производителите на фосилни горива со цел овие вториве да можат да продолжат да го уништуваат светот со што позабрзано темпо. Токму тоа се случува кога вака се зголемуваат производството на фосилни горива и воените трошоци. Некои луѓе тоа ги прави среќни. Погледнете ги директорите на компании како Локхид Мартин или Екзон Мобајл и ќе видите дека тие се воодушевени. За нив тоа е извор на изобилие. А покрај тоа им се припишуваат и големи заслуги. Ги фалат затоа што ја спасувале цивилизацијата уништувајќи ги можностите за живот на Земјата. Заборавете го глобалниот југ. Ако постојат некои вонземјани, ќе си мислат дека тука сите целосно сме полуделе. И ќе бидат во право.