Според критериумите на СЗО Македонија е во „фаза 1“ со коронавирусот: „Нема широка трансмисија на вирусот“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Опаѓачкиот тренд на епидемиолошката крива во Македонија за коронавирусот и понатаму продолжува. Во моментов земјава според критериумите на Светската здравствена организација е во фаза 1, односно се регистрираат само спорадични случаи на новозаразени на дневно ниво. Процентот на позитивност се движи од 0,3% до 1,1%, просечно 0,6%., а во 15 региони, изминатава недела инциденцата е 0 на 100.000 жители, пренесува Фактор.

Според епидемиолозите, спорадичните случаи на новозаразени, практично значат дека Македонија сега е во фазата на ендемија, што значи дека станува збор за постојано присуство на одредена болест или зараза во ограничен географски регион, каде постојат услови за постојано пренесување на заразата. Најчесто, популацијата која е зафатена од ендемијата развива колективен имунитет, но за дојденец истите зарази можат да бидат фатални.

Во однос на прашањето колку сме блиску до постигнување колективен имунитет, од Министерството за здравство истакнуваат дека тоа може да се случи кон крајот на летото, и доколку продолжи ваквиот тренд во Македонија, не гледаат причина зошто не би започнала новата учебна година со физичко присуство.

-Проценка на Национална комисија за имунизција е дека некаде до крајот на летото може да се постигне колективен имунитет, имајќи ги предвид сите количини вакцини кои треба да пристигнат во нашата земја. Ставот на СЗО и на нашата Национална комисија за имунизција е дека засега децата не се во приоритените групи за вакцинација, а како што најави министерот, пред две недели, во текот на следните месеци ќе се прават анализи и за можно вакцинирање на децата од 12 до 16. Доколку се задржи вака епидемиолошката состојба во земјава, нема зошто да не започне настава со физичко присуство. За старт на новата учебна година се подготвуваат посебни протоколи како би се одвивала наставата, одговараат од Министерството за здравство.

Ваквата поволна епидемиолошка состојба во Македонија придонесе од вчера Европската Унија да ја врати земјава на листата безбедни земји заедно со Србија и Албанија од Западен Балкан, а претходно, Германија ја тргна од т.н. „црвена листа“, која значеше земји со висок ризик на зараза со корона вирусот. За да се обезбеди статус на безбедна земја, една земја мора да регистрира најмногу 75 позитивни случаи на 100 илјади жители, во последните 14 дена.

Сепак, според критериумите на Светската здравствена организација, за да се прогласи крај на епидемијата на Ковид-19, не смее да се појави ниту еден заразен и тоа во период од 28 дена. Тоа се всушност два инкубациски периоди на вирусот од по 14 дена.