„Специјалниот“: „Во фудбалот има многу поети, но поетите не освојуваат трофеи“


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Можете да го мразите, да му замерувате поради тоа што „паркираше автобус“ против детската градинка од Амстердам, но не можете да му оспорите дека е мајстор за освојување пехари. А Жозе Мурињо е токму тоа, освојувач на пехари. И го интересираат само триумфи.

„Повеќе сакаме вака, отколку да бидеме втори, трети или четврти. Се вративме во Лигата на шампионите, освоивме многу важен пехар, сега ги имаме сите титули од светскиот клубски фудбал. Многу сме среќни. Од почетокот размислувавме за ова. Игравме доста интелигентно. Знаевме како да победиме. И против добар тим тоа го направивме на комфорен начин“, смирено изјави Мурињо после победата над Ајакс со 2:0 во финалето на Лига Европа.

Тоа тшо некој ќе му залепи етикета на зихераш апсолутно не го интересира.

„Ако сакате да ја напаѓате со топката, не играте кратки додавања. Ако сте доминантни во скоковите, не избегнувате долги топки“, почна Мурињо пред да поентира, „Има многу поети во фудбалот, но поетите не освојуваат титули“.

А сега заслужената награда.

„Го велам ова од себична перспектива. Одам на одмор. Не сакам ни да чујам за фудбал, не сакам да гледам пријателски натпревари, ни репрезентативни. Играчите ќе мораат, јас веќе не можам. Многу беше тешко да се работи овој последниов месец со толку повредени играчи. Клинците беа одлични, успеавме достоинствено да ја завршиме сезоната, што е многу важно за ваков клуб. На крајот, зедовме три пехари (Черити шилд, Лига купот и Лига Европа) и многу сум задоволен, иако ова веројатно беше најтешката сезона во мојата тренерска кариера“, искрено призна Жозе.

Сега следат подготовки за новата сезона. Петтото место на табелата не ги задоволува амбициите на славниот клуб од Олд Трафорд. Со Лигата на шампионите, на Јунајтед ќе му биде потребен уште подлабок играчки кадар. Дали Мурињо веќе го барал директорот Ед Вудворд за да поразговараат за потенцијални засилувања?

„Не, не. Тој моите желби ги знае веќе два или три месеци. Сега е негов ред да ги објави своите. Искрено, моментално не ме интересира преодниот рок“, вели „Специјалниот“.

А дали преодниот рок ќе значи и крај за Вејн Руни во Јунајтед?

„Не! Вејн и вечерва беше сериозна опција, но кога имате водство од 2:0 не мора да напаѓате. Вчера поразговаравме, му кажав дека би можел да биде клучен играч на натпреварот. Му реков, и не лажев со тоа, дека мометално е во најдобра форма во сезоната“, изјави после финалето Мурињо.