Собранието ја констатираше оставката на премиерот Зоран Заев


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Пратениците останаа покуси за отчет и одговори од страна на премиерот Зоран Заев и министрите во Владата во заминување на денешната собраниска седница. Сето ова дојде откако претседателот на Собранието Талат Џафери ја констатираше оставката на Заев и оцени дека е нецелисходно да се одржат пратеничките прашања, нешто што, како што рече тој, е воспоставена практика од минатото.

Ова го запали црвениот аларм кај опозицијата. Први реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски на прес-конференција изјави дека откажувањето на денешната седница е уште еден доказ повеќе за постојаните обиди на Владата да побегне од одговорност и давање одговори за, како што рече, тој, катастрофалните политики, криминалот и корупцијата. Мицевски побара одговор од Џафери како може владините претставници да можат да учествуваат во работата на други собраниски седници, а не може да одговараат на пратенички прашања.

На ова возврати СДСМ со порака дека ВМРО-ДПМНЕ може само да учи од Заев и Владата во оставка што е тоа одговорност.

„Со инсистирање на одржување на седница посветена на пратенички прашања, ВМРО-ДПМНЕ повторно се обидува да ја одолговлекува работата на парламентот и да го одложи носењето на законите, кои подолго време чекаат на дневен ред.“ – велат од СДСМ.

Ниту Алијанса за Албанците денеска немаше пригоден збор за Зоран Заев. Според партијата, Заев, кој се повикуваше на чист доцна се сетил да поднесе оставка особено што избра да си замине без да се соочи со оние кои го избрале на функцијата.

Собранието денеска ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев. Народот остана покус за образложение затоа што премиерот одлучи оставката да не ја образложува усно пред пратениците. Заев беше премиер на Македонија од 31 мај 2017 година, а вториот премиерски мандат го освои на изборите на 15 јули 2020 година на предвремените парламентарни избори.