Со затворската фотографија Трамп се врати на „Икс“ – објавата „растури“ на социјалната платформа


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


По период од над две години откако доби забрана за објавување на Твитер (сега преименувана во Икс), бившиот американски претседател Доналд Трамп синоќа првпат објави на оваа социјална мрежа.

Трамп ја сподели својата историска фотографија направена во затворот во Атланта непосредно откако беше приведен, па ослободен со кауција. Под фотографијата, напиша: „Мешање во изборите. Никогаш не предавај се!“ и понуди линк до неговата веб-страница каде што, меѓу другото, ги повикува граѓаните да донираат средства кои ќе помогнат во „спасувањето на Америка“.

Објавата на експретседателот на САД собра повеќе од 14 милиони прегледи за неполн час откако беше објавена. Во моментов објавата има над 97 милиони прегледи и над 939.000 лајкови.

Ова е прва објава на Трамп на Твитер од јануари 2021 година откако платформата му го забрани пристапот по нападот во американскиот Конгрес од страна на неговите поддржувачи. По доаѓањето на милијардерот Илон Маск на чело на Твитер, профилот на Трамп на оваа социјална мрежа беше вратен во ноември минатата година.

Поранешниот американски претседател вчера накратко беше уапсен во затворот во Атланта поради лобирање за изборите во 2020 година во американската држава Џорџија, но набрзо беше ослободен со кауција. Доналд Трамп пристигна во затворот во Атланта за да се предаде и да се фотографира како дел од широкиот криминален случај што произлегува од обидот на експретседателот да го поништи изборниот пораз во 2020 година.