Со 61 денар месечно – државата им го гарантира дното на македонските студенти


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Според статистичките податоци кои ги објави Младинскиот образовен форум (МОФ), базирани на двете истражувања направени од нивна страна за студентскиот стадард во Македонија – „Анализа на јавни набавки во студентските домови“ и „Крпен студентски живот“, македонските студенти, според стандардот за студентски живот кој им го обезбедува државта, се сместени на социјалното дно.

На секој трет студент сместен во студентски дом во Скопје му следувало по едно канче кисело млеко во месецот. Секој студент месечно можел да изеде по еден и пол килограм месо, или по една банана – ова беа мал дел од податоците кои беа презентирани во двете истражувањата.

61 денар чинат три оброци дневно за еден студент

Петар Барлаковски, истражувач и програмски координатор во МОФ нагласи дека во 2018 година, од страна на студентските домови „Гоце Делчев“, „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ биле вклучени вкупно 193 договори за јавни набавки, од кои 67 договори биле за обезбедување на храна.

„Ако се земат предвид трошоците за овие 67 договори и бројот на станари во текот на 10 месеци, доаѓаме до просечна сума од 61 денар дневно која се издвојува за оброците на станарите. Ако набавената храна се спореди со вкупниот број на корисници на студентските мензи доаѓаме до заклучок дека на секој станар му следуваат 1 килограм свинско и 472 грама говедско месо месечно“, додава тој.

Анализата на јавни набавки во студентските домови покажала дека доколку буџетот се анализира на ниво на позначајни буџетски категории, произлегува дека во изминатите 4 години, просечно, уделот на платите за вработените во ДСД е речиси двојно поголем од уделот на расходите за храна на студентите. Во периодот 2015 – 2018 во ДСД Скопје се потрошени вкупно 880 милиони денари. Нешто помалку од третина (29%) се потрошени за плати на вработените и членовите на Управниот одбор, а само 15% за храна на студентите.

Расходите за храна се движеле од 31,4 милиони денари во 2015 година, до 59 милиони денари во 2018. Истовремено, во 2018 година се склучени најмал број договори за јавни набавки за пренхрамбени продукти, чија вкупна вредност е помала за 70%.

Студентите животот во студентски дом го оценуваат со 2,93

Лоши услови за живот во домот, присутни корупциски дејствија во домовите и студентска апатија, се дел од темите кои ги обработува истражувањето „Крпен студентски живот“.

Според испитаниците во истражувањето, трите најважни прашања со кои се соочуваат студентите-станари во студентските домови се лошите услови за живот во домот, недостатокот на средства и простории за учење и недостатокот на спортски и културни активности.

„Теренското анкетирање беше направено во трите студентски домови и станарите можеа на скала од 1 – 5, да го оценат квалитетот на живот. Оценката добиена на оваа анкета е 2,5, а студентскиот дом „Гоце Делчев“ отскокнува со оцена од 3,7“- истакна Мартина Илиевска, една од истражувачките на „Крпен студентски живот“.

Истражувањето „Крпен студентски живот“ – кое го обработува животниот стандард на станарите во Државниот студентски дом „Скопје“ се потпира на две компоненти, односно анализа на правна рамка и стратешки документи поврзани со работата на ДСД Скопје и теренско анкетирање на случајно избран примерок од 300 студенти – станари во ДСД Скопје.

91% од станарите никогаш не биле вклучени во процесот на носење одлуки во студентските домови

Студентите го избираат животот во студентски дом поради ниската цена за домување, добивање на легло и оброци. Станарите велат дека поради низок степен на грижа и одржување на хигиена од страна на станарите – домовите се наоѓаат во состојбата во која се, но од друга страна за ова значително придонесуваат ниските средства со кои располага ДСД.

Кога станува збор за причините зошто никогаш не биле вклучени во носењето одлуки кои ги засегаат како студенти- станари, најголемиот дел од испитаниците посочуваат на недостаток на време за таков ангажман. 91 % од анкетираните станари велат дека никогаш не биле консултирани, 19% од студентите велат дека немаат време, а 10% веруваат дека во донесување на одлуки се вклучени само оние студенти кои се блиски до раководството на домовите.

55% од испитаниците споделиле дека леглата се распределуваат по партиска припадност

40% од станарите кои престојуваат во студентските домови имаат забележано коруптивни дејствија. Како најчести појави се издвојуваат користењето врски или лични познанства за добивање на студентско легло и соба во студентскиот дом.

57% од студентите се изјасниле дека познаваат некој кој преку врски и познанства добил студентско легло, односно подобро студентско легло. Дури 55% од испитаниците споделиле дека леглата се распределуваат по партиска припадност.

Најголем број од испитаниците во истражувањето (55,67%) одговориле дека не би учествувале во коруптивни дејствија и дека би им пречело ако други учествуваат. Дури 77,67% од испитаниците одговориле дека најчести коруптивни дејствија се влијание, притисоци и/или закани од страна на членови на Советот на станари врз студенти-станари за добивање одредена корист.

На прашањето дали знаат каде би можеле да пријават корупција, мнозинството од испитаниците (89,33%) одговориле дека не знаат каде би можеле да пријават корупција, додека само 10, 33% изјавиле дека знаат.

30% од станарите се изјасниле дека нема да пријават корупција бидејќи сметаат дека ништо нема да се промени дури и ако пријават, а како втора најголема причина се јавува стравот од губењето на леглото во студентскиот дом (15%).

Како најчести причини за постоењето на корупција во студентските домови, испитаниците ги наведуваат ниската контрола врз службите во домовите, немањето санкции за корупцијата и забрзувањето на процедурата за добивање на студентско легло преку корупција.