Сноуден тврди: Колку што знам, САД ниту стапиле во контакт со вонземјани, ниту знаат дали постојат


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Ако некој како него, бивш оперативец во ЦИА кој имал лесен пристап до сите тајни документи, бази на податоци и други доверливи информации од агенцијата, а станал „свиркач“ кој на виделина ги изнесе заткулисните шпионажни игри на ЦИА, тврди дека ниту ЦИА ниту НСА имаат докази дека САД стапиле во контакт со вонземска интелигенција, ниту пак дека имаат сознанија за постоење на такво нешто, веројатно треба да му веруваме.

Како поранешен вработен во ЦИА и соработник на Националната агенција за безбедност, Едвард Сноуден имал пристап до некои од најстрого чуваните тајни на нацијата.

И, како и секој љубопитен ум со пристап до пребарувачката верзија на ЦИА, тој тргнал во потрага по одговори на некои од најголемите прашања на општеството.

Излегува дека владата на САД не знае за никаков интелигентен вонземски живот, вели тој.

„Официјално, колку што јас можам да кажам, вонземјани никогаш не стапиле во контакт со Земјата, или барем не контактирале со американските разузнавачи“, пишува Сноуден во своите нови мемоари, „Траен запис“. Исто така, слетувањето на Месечината навистина се случило.

„Ако се сомневавте: да, човекот навистина слетал на Месечината. Климатските промени се реални. ’Кемтрејлс‘ не постојат“, додава тој.

Свиркачот на НСА зборуваше за теориите на заговор и во епизодата на поткастот „Искуството на Џо Роган“, објавена во средата, и рече дека „нема докази“ за вонземјани и кемтрејлс (хемиски траги што наводно ги испуштаат леталата) и слично.

„Знам, Џо, знам дека сакаш да постојат вонземјани“, се пошегува Сноуден со Роган, водителот на поткастот. „Знам дека Нил де Грас Тајсон очајно сака да постојат вонземјани. И веројатно постојат, нели?

„Но идејата дека ние ги криеме – ако ги криеме – јас имав смешно лесен пристап до мрежите на НСА, ЦИА, на војската, на сите овие групи. Не успеав да најдам ништо“, продолжи тој . „Значи, ако е скриено, а може да е скриено, скриено е многу проклето добро, дури и од луѓето што се внатре“.

Да бидеме искрени, вели Си-ен-ен, човекот откри огромна програма за надгледување раководена од американската влада и како резултат на тоа сега живее во егзил во Москва. Ако американската влада чуваше тајни за вонземјани и за НЛО во Областа 51, сигурно Сноуден ќе беше тој што ќе ги откриеше.

Е па зошто луѓето на интернет толку многу сакаат да веруваат во теории на заговор? Ова е прашање на кое Сноуден го има одговорот.

„Сите сакаат да веруваат во теории на заговор затоа што тоа му дава смисла на животот“, рече тој во поткастот. „Тоа ни помага да веруваме дека некој ги контролира работите, командува“.