Скандалот „Кембриџ Аналитика“ и злоупотребата на податоците од страна на Фејсбук


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Технолошкиот гигант Фејсбук доживеа стравичен крах на берзата кога неговите акции стрмоглаво паднаа после обвинувањата и критиките на социјалната мрежа дека фирма која работела на кампањата на Доналд Трамп илегално собрала податоци на 50 милиони корисници.

Професорот кој преку апликација собирал податоци на корисниците на Фејсбук тврди дека е „жртвено јагне“. Кембриџ Аналитика „учествувала“ на избори ширум светот. Фејсбук загуби 60 милијарди долари на берзите, пренесува Дојче Веле.

Професорот на Универзитетот Кембриџ кој се најде во центарот на скандалот со злоупотребените податоци на корисниците на Фејсбук, тврди дека проценките за точноста на информациите кои ги изработил се претерани и истите не можеле да влијаат врз резултатите од изборите во САД. Професорот Александр Коган ѝ помогнал на фирмата Кембриџ Аналитика да собере информации за речиси 50 милиони корисници на Фејсбук за време на кампањата на Доналд Трамп за претседателските избори во САД.

Во интервју за БиБиСи утрово, Коган тврди дека се манипулира со проценките за точноста на податоците. Според него, истражувањето немало влијание врз гласачите на изборите.

„Мислам дека немаа. Мислам дека тие можеа само да ѝ наштетат на кампањата на Трамп“, тврди Коган. Тој тврди дека сега и Кембриџ Аналитика и Фејсбук се обидуваат од него да направат „жртвено јагне“.

„Мислам дека Кембриџ Аналитика се обидува да продаде магија, и тие изнесуваа тврдења дека податоците се неверојатно прецизни и дека ти кажуваат сѐ што е потребно. Но, мислам дека во реалноста не е така“.

Фејсбук се најде под жесток удар поради скандалот. Само во последните два дена компанијата загуби околу 60 милијарди долари од својата вредност на берзите, поради пад на акциите на социјалната мрежа.

Американските медиуми јавуваат дека сојузната Комисија за трговија отворила истрага против Фејсбук, додека самата компанија тврди дека „работи деноноќно за да ги утврди сите факти“.

Кембриџ Аналитика вчера го суспендираше својот прв човек Александер Никс. Но, во истовреме се појави тајна видео снимка од Никс во која тој се фали оти неговата компанија одиграла клучна улога во развојот на кампањата на Доналд Трамп во 2016 година, вршејќи ги сите истражувања, анализи, како и дигиталните и телевизиските кампањи.

Во видеото кое тајно го снимила британската телевизија „Канал4“, Никс се фали и за тоа како им поставувал замки на политичари и тајно оперирал во изборни кампањи низ целиот свет преку офшор компании.