Шовин прогласен за виновен по сите три обвиненија за убиството на Џорџ Флојд


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Бившиот американски полицаец од Минеаполис, Дерек Шовин, е прогласен за виновен по сите три обвиненија за смртта на Џорџ Флојд. Одлуката на поротниците, донесена синоќа, е дека Шовин е виновен за убиство од втор степен, убиство од прв степен, и предизвикување смрт од небрежност.

Откако во понеделникот беа дадени завршните зборови, поротата составена од 12 членови, пред да ја донесе конечната одлука, вчера се консултираше четири часа, кога се разгледуваа исказите на 45-те сведоци, влучувајќи ги и случајните минувачи, полицајци, експерти. За пресудата да биде валидна, требаше едногласна потврда од сите членови.

Според судските протоколи, во составот на поротата се четири бели жени, двајца бели мажи, четворица Афроамериканци – тројца мажи и една жена, и две жени од мешано етничко потекло. Судот вети дека ќе ги чува нивните имиња во тајност се до изрекување на пресудата.

Шовин, кој се бранеше од слобода, по изрекувањето на пресудата, му беше укината кауцијата и беше одведен во затвор. Тој се соочува со 12 и пол години затвор, затоа што претходно не е осудуван. Меѓутоа, обвинителството може да побара казна затвор подолга од 40 години, доколку окружниот судија Питер Кејхил утврди дека имало „отежнувачки околности“

Со обелоденувањето на висината на затворската казна, властите стравуваат од растечка напнатост во повеќе метрополи, каде има зголемени полициски мерки.

Претседателот Џо Бајден телефонски им се јави на роднините на Флојд и им кажа дека пресудата одбележува „момент на значајна промена“.

-Имаме шанса да го смениме правецот на оваа земја, изјави тој синоќа.

Се предвидува дека строга казна за еден полицаец ќе биде судски преседан во напорите да се намали полициското насилство за време на задржувања, посебно насочено против афроамериканското население во САД. Во безборој слични инциденти на смрт при задржување во минатото, полицајците вообичаено беа ослободувани од вина.

За време на завршните зборови во судницата, обвинителите го обвинија белиот полицаец Шовин дека го убил Афроамериканецот Флојд со тоа што со коленото го притискал врз вратот, повеќе од девет минути, додека го приведувале. Одбраната на Шовин се произнесе дека Флојд починал делумно од користење на дрога и оти полицаецот ги користел методите за приведување, согласно полициската обука. Поранешниот полицаец се изјасни дека не е виновен.

Флојд бил осомничен дека се обидел да плати со лажна банкнота од 20 долари во продавница од соседството. Сопственикот на продавнцита повеќепати досега изјави дека се кае што го пријавил Флојд, постапка што предизвика ланец од немили настани кои прераснаа во масовни протести и активно граѓанско движење против расизмот, во САД и во многу други земји.