Шерон и Џек Озборн ја коментираа осудата на Расел Бренд за силување и сексуални напади во епизодата од нивниот подкаст „The Osbournes“, објавена во четвртокот, на 12 ноември. Шерон му порача на својот син дека комичарот мора да одговара за своите постапки.
Таа нагласи дека последиците не ги трпи само Бренд, туку и неговата сопруга, Лора Галахер, и нивните три деца.
„Си го среди животот, но знаете што — за постапките се плаќа и тука нема што повеќе да се каже“, рече Шерон, кревајќи ги рамениците.
Џек објасни дека епизодата ја снимале откако Бренд бил прогласен за виновен, но пред да му биде изречена казната. Во разговорот двајцата претпоставуваа колку години би можел да помине во затвор.

Откако Џек спомена дека на Бренд можеби му се закануваат „и до 40 години или нешто слично“, Шерон рече дека не верува оти актерот од Get Him to the Greek ќе добие толку строга казна.
„Тоа е Обединетото Кралство. Таму се толку ’воук‘. Нема тој многу да одлежи. Ќе добие кратка казна“, рече таа.
Бренд, кој долго време тврдеше дека е невин и пред судот се изјасни дека не е виновен, на 5 ноември беше прогласен за виновен по три точки за сексуален напад и една за силување. На крајот му беше изречена затворска казна од 10 години.
Повеќе жени го обвинија за сексуални напади, силување и емоционално малтретирање во периодот од 1999 до 2013 година. Тој со години ги отфрлаше обвинувањата.
„Добив две крајно вознемирувачки писма, поточно писмо и електронска порака — едното од голема телевизиска компанија, а другото од весник — со цела низа исклучително тешки и агресивни напади“, изјави Бренд во видео објавено на социјалните мрежи во септември 2023 година.
„Покрај некои прилично глупави работи, како тоа дека треба да се запре фестивалот што го организирам за мојата заедница и дека не треба да ми се дозволи на овој канал да ги критикувам наративите на мејнстрим-медиумите, во таа низа зачудувачки, прилично барокни напади има и многу сериозни обвинувања што целосно ги отфрлам“, рече тој.
Лондонски „Тајмс“ во четвртокот, на 12 ноември, објави дека по осудата за силување, уште шест жени го обвиниле Бренд за сексуално недолично однесување.
Извор: US Weekly