„Сега е свет и велик пост“ – ново видео на братството од Бигорскиот манастир


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Изминатиов период во Бигорскиот манастир, кој отсекогаш бил и се’ уште е центар на духовноста и културен двигател за нашиот народ, повторно беше изработен нов видео запис, овој пат за првата великопосна песна (каланда) со наслов “Сега е Свет и Велик Пост”.

Она што е најинтересно е тоа дека овој видео спот преку своето сценарио раскажува една несекојдневна приказна, со која веруваме ќе се гордеат целиот православен народ од нашата земја, а особено Мијаците, односно сите оние кои живеат или потекнуваат од познатиот мијачки крај.

Тимот кој со голема љубов и посветеност работеше на видео записот, е во состав од:

Режија и монтажа: Горан Костадинов
Камера: Александар Ивановски, Кристијан Теодоров,
Дрон: Небојша Петревски
Изведува Ансамбл „Македонија“

Искрено и топло се надеваме дека оваа богата композиција ќе допре до целата наша македонска јавност и ќе ги освои нивните срца, воведувајќи ги во прекрасната атмосфера на Великиот Пост.

Текст на песната:

Сега е свет и Велик Пост

Сега е свет и Велик Пост, сега се свети денови,
Кога во црквите служат и свештениците пеат,
Читаат “Свети Боже” и свето Евангелие;
Кој го чита се спасува, кој го слуша се осветува,
А кој го исполнува – во рајот влегува.

Сега е свет и Велик Пост, сега се свети денови,
кога со пост и со молитва, Христа Бога Го славиме,
зашто Тој оди на страдање, за нашето спасение.
Со Него да отидеме и вака да Му речеме:
Спомни си за нас, Господи, во Царството Ти.