САД и Германија се борат за германската вакцина против коронавирусот – Трамп ја сакал само за себе


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Според првичните пишувања на еден германски весник, американскиот претседател Доналд Трамп се обидувал да принуди една германска лабораторија да развие вакцина против коронавирусот која ќе биде резервирана исклучиво за САД. Компанијата, сепак, подоцна ги негираше тврдењата дека фирмата или нејзината технологија се продаваат.

Владите на Германија и на Соединетите Американски Држави се борат за германската компанија КјурВак, која работи на вакцина за новиот коронавирус, објави германскиот весник „Велт ам зонтаг“.

Угледниот германски медиум објави, повикувајќи се на неименувани извори, дека американскиот претседател Доналд Трамп им понудил големи суми пари на германските научници што работат на вакцина. Тој сакал да добие ексклузивни права на нивниот труд, објави весникот.

Сепак, во официјално соопштение компанијата денеска ги одби „сите тврдења за евентуална продажба на компанијата или на нејзината технологија“.

„Велт ам зонтаг“ цитираше анонимен извор на германската влада дека Трамп прави сè што може за да обезбеди вакцина за Соединетите Држави, „но само за САД“.

Вакцина „за целиот свет“

Во неделата, шефот на најголемиот инвеститор на КјурВак рече дека не доаѓа предвид ексклузивен договор со САД, пренесува Дојче веле.

„Ние сакаме да развиеме вакцина за целиот свет, а не за поединечни земји“, изјави за весникот „Манхајмер морген“ главниот извршен директор на „Диевини јоп био тек холдинг холдинг“, Кристоф Хетих, кажувајќи сличен став во соопштението за компанијата.

Германскиот министер за здравство Јенс Спан за германската државна телевизија изјави дека не доаѓа предвид преземање на компанијата и дека министерството „последниве две недели води успешни разговори со компанијата“.

Компанијата е со седиште во југозападниот германски град Тибинген и работи со Институтот Пол Ерлих, поврзан со германското Министерство за здравство. Има локации и во Франкфурт и во американскиот град Бостон.

Компанијата се надева дека до јуни или јули ќе има развиено експериментална вакцина, а потоа ќе добие одобрение за тестирање врз луѓе. Почнати се истражувања за неколку можни вакцини и двете најперспективни ќе бидат избрани за клинички тестови, рече коосновачот на КјурВак и шеф за производство, Флоријан фон дер Милбе, во петокот за Ројтерс.

Средба со Трамп

Трамп во саботата доби негативни резултати од тестот за коронавирусот, откако потенцијално беше изложен на неколкумина заразени.

Епидемијата на ковид-19, која почна во Кина, се рашири низ целиот свет со повеќе од 156.000 потврдени случаи и 5.800 смртни случаи. Повеќе од 70.000 луѓе оздравеа од вирусот, кој кај повеќето луѓе јавува симптоми на блага до умерена болест, но може да стане сериозна состојба за други.

На 2 март, тогашниот извршен директор на КјурВак, Даниел Меникела, присуствувал на состанок во Белата куќа за да разговара за развојот на вакцините против коронавирус со Трамп и со членовите на неговата работна група за коронавирус.

На 11 март компанијата објави дека Меникела ќе биде заменет со основачот на компанијата Ингмар Хоер, без да даде причина зошто.