Рајн Некар не го пушта Талески на Светско првенство

Младата ракометна репрезентација на Македонија на почетокот на подготовките за настап на Светското првенство во Алжир е соочена со непланиран проблем.

Имено, младинците во Алжир, веројатно, ќе настапат без капитенот Филип Талески, за чиј настап на Мундијалот се противи неговиот тим Рајн Некар Левен.

Германскиот шампион Рајн Некар Левен нема намера да му дозволи на Талески да го пропушти почетокот на подготовките, односно планира капитенот на младата македонска репрезентација во целост да го одработи тренажниот процес во пресрет на новата сезона, објави порталот „24rakomet.mk“.

Македонија на СП ќе игра во група со Русија, Буркина Фасо, Тунис, Шпанија и Бразил. Мечевите во групата треба да се одиграат во периодот од 18 до 24 јули. Пласман од групата во нокаут фазата ќе изборат најдобрите четири репрезентации.

Доколку Македонија избори пласман во осминафиналето, што е реално, или остане да игра во натпреварите за пласман, тоа значи дека Талески би останал во Алжир околу 20 дена, што луѓето од Рајн Некар не сакаат да го прифатат бидејќи сметаат на него од почетокот на подготовките.