Екстра

„ПРОЕКТ БАБА 2К“: Tрчанка од крај до крај по „двеилјадарките“ на Баба – од мој агол

Баба Планина, возвишен восторг кој го проветрува загушливото и отровно пелагониско воздушно тесто околу Битола. Прочистувачката бистрина на воздухот над 2.000 метри надморска висина е нескротлива стерна на облагородувачка енергија на духот. Кога си таму, „горе“, душевната настројба загарантирано секогаш е во левитирачка состојба. Вечна вистина која постојано ме и нè враќа на нејзината географска и духовна „фреквенција“.

Импресивно изгрејсонце на Баба Планина – контурата на сртот од Неолица кон Скрково

Токму овие импресии, помножени по милион, веднаш ми дојдоа на ум кога пријателот и другар по планински патеки, според мене во моментов најдобриот планински тркач во Македонија (иако пишано субјективно, во прилог на ова мое тврдење одат корпус објективни импресивни бројки и статистички факти), Александар Стојкоски, во еден неформален муабет за оваа и за двајцата огромна планинска љуба, ја нафрли предизвикувачката идеја за планинска трчанка на Баба која сака да ја реализира тој како личен предизвик, а која ќе комбинира три фактори кои истиот го прават физички прилично комплексен: висини, должини и време. За уживањето да се најде пред предизвикот на достигнувањето.

Дел од логистичкиот тим на качување кон Големо Езеро и изгрев од кај Скрково

Мери и Антонио кон Големо Езеро

На кратко, овој планинарско-трчачки проект, кој подоцна, за време на кроењето на плановите си го нарековме „БАБА 2К“, подразбираше предизвик да се искачат сите врвови на Баба Планина кои се извишуваат над 2.000 метри надморска висина, во временски рамки под 24 часа (едно деноноќие), со истрчување на целокупната должинска линија која ги поврзува истите. Подвиг, сам по себе, физички исклучително предизвикувачки, бидејќи, освен што е позитивно обременет од совладување на вкупна позитивна денивелација од 5.400 висински метри, и должинска дистанца од околу 85 километри, подразбира и дополнително борење со самата разновидна структура на теренот (особено камењарските делници, прилично чести долж целата тура, како и густите клеки), кои даваа дополнителна тежина на целиот потфат. И да, потфат кој досега не е забележано дека е реализиран од некого, со што сам по себе, е своевидна револуција како во планинското трчање, така и во планинарењето во Македонија.

Есенштина кај Големо Езеро

Како и да е, со Аце се разбравме со два муабети. Тој: Сакам да ги „истрчам“ сите врвови на Баба повисоки од 2.000 метри. Јас: Јас, Филип Туманоски и Антонио Каранфилоски, се приклучуваме на потфатот како трчачко-логистички тим, за дружење, мотивација, евентуална попатна припомош (со залихи) и секако, за уживање во ова предизвикувачко, интензивно и динамично доживување и планинска авантура.

Параметрите беа изложени и на хартија: Теренски – прецизирана должинска бројка од 84 километри, висинска „вертикала“ од вкупно 5.400 метри и импресивна бројка од вкупно 23 „бабини“ врва повисоки од 2.000 метри на македонска територија. Временски – реализација на зададената цел под 24 часа, што значи искачување на првозададениот врв во маршутата, Вртешка (над битолското село Маловиште) и последниот во рамки на делницата, Цуце (над преспанското село Љубојно).

Домаќинката која не пречека кај Големо Езеро

Сето она кое се случуваше, го искусивме, споделивме и преживеавме, е спој на уживање, напор, смеа, разговори, енергија и емоции кои прават една несекојдневна и импресивна авантура која со сигурност го зацврсти карактерот на секој од нас, но и нè исполни со позитивен емоционален набој кој облагородува и возвишува.

Стартот на трчачко-планинарскиот предизвик беше од село Маловиште, насочен кон првиот врв на агендата – врвот Вртешка, врвичен каршијак со Пелистер, Мала и Голема Чука и уште неколку „бабини“ врвови во неговата околина. Идејниот осмислувач, „спиритус мовенс“ и главен протагонист во проектот „БАБА 2К“, Александар Стојкоски, во придружба на „првиот дел од логистичката штафета“, Филип Туманоски, имаа одличен старт на патешествието.

Аце (десно) и Филип (лево) на Вртешка

Утрина на Пелистер

Со домаќинката од Големо Езеро кон Ветерница

После Вртешка, во временски период од девет часа, следеше нивно (или поединечно, на Аце) искачување на уште девет „двеилјадарски“ врвичности – Мала Чука, Голема Чука, Козји Камен, Пелистер, Илинден, Стив, Широко Стапало, Партизански и Ветерница. Движењето на двајцата, како што не информираше Туманоски од Пелистер, беше одлично, дури и подобро од првично планираното (во поглед на временската димензија).

Кинис на вториот дел од логистичката трчачка екипа од Големо Езеро кон Ветерница

Најава за пристигнувањето на Аце и Филип на Ветерница

На Ветерница следеше средба на Аце и Филип со вториот дел од „логистичката трчачка штафета“, Александар Еленин и Антонио Каранфилоски. Поздравувања, честитки за дотогаш истрчаното и искаченото, смеа, муабети и пожелби за такви прекрасни временски услови – фини и позитивни моменти во таа утринска врвична осаменост на Ветерница, над „бабиното“ Големо Езеро.

Аце (десно) и Филип (лево) стигнуваат на Ветерница

…позитивна енергија

Комплетната трчачка тимска постава продолжи заедно кон следниот врв, Мразарник. Таму, во опуштена атмосфера, весели и со позитивна енергија не пречекаа Мери Мирческа (докажано една од најдобрата планински тркачки во Македонија која „јаде ултри“ за доручек и вечера и реди први места на повеќето балкански планински трки), и професорот Златко Жоглев, пасиониран љубител на планините, природата и (за жал) единствениот посветен планински тркач од Битола (или единствен барем за кој знаеме ние) – тимот за окрепна логистичка поддршка во рамки на „БАБА 2К“. Огромна значајност е нивниот придонес во сета оваа авантура, бидејќи снабдувањето со намирници и посебно со вода, над 2.000 метри, е подвиг кој воопшто не е лесен и едноставен. И таму дружба, муабети, шеги и совети. Одлична и опуштена атмосфера, како на тим кој тргнал кон лежерно качување на еден врв од Баба, а не на сите врвови повисоки од 2.000 метри во еден ден.

Трчачкиот тим во комплетен состав на Ветерница

Кон Мразарник

Планинска фантазија

Мисијата продолжува. Јас (Еленин), Аце и Антонио, се упатуваме кон преминот за преспанската страна од Баба Планина и преспанското село Брајчино. Антонио тргнува сам кон Орлов Врв, возвисот над Орлови Бари, а Аце и јас се упатуваме кон Марушица и Големо Врвче. Посебно за вториов имам само да кажам – деминутивното име не значи ама баш ништо за најдивиот и еден од најубавите врвови на Баба. Спој од камењарски и шумски тесни појаси кои пристапот кон врвот го прават неповторлив. Се враќаме од Големо Врвче кон преминот за Брајчино. Не чека Антонио. Аце продолжува кон Орлов Врв, кратко качување и уште побрз спуст, па јас останувам да средам еден плускавец и да помубаетиме со Антонио.

Комплетниот тим на Мразарник, од лево кон десно: Филип Туманоски (долу), Антонио Каранфилоски (горе), Александар Еленин, Александар Стојкоски, Златко Жоглев (долу), Мери Мирческа (горе)

Поглед кон Марушица и Големо Врвче

Одиме натаму. Следна станица Орлови Бари – втор окрепен пункт кај Мери и Златко, на кои им се придружија и чичко Пецо (таткото од Аце) и дедо Цветан (78-годишниот дедо од Аце, кој заедно со Пецо беа окрепен тим за Туманоски и Аце на Пелистер, претходно, па дојдоа до Орлови Бари, за заедно со Мери, Филип и Златко да се спуштат кон Ниже Поле). Тука земаме потребни залихи на вода (колку што можеме повеќе), бидејќи до крајот на целокупната делница не наидуваме на ниту еден извор на вода.

Со Аце на Големо Врвче

Филип и Мери со Голема Грива во позадина

Факторот вода, поточно доволните залихи на вода, е веројатно и најпроблематичниот со кој се соочивме при крајот на турата, а кој значително може да ја загрози истата, бидејќи физичкиот напор во рамки на истата бара редовно и доволно хидрирање до самиот крај на трчањето и качувањето. Ние бевме на граница на издржливост со залихи на вода, но тоа не се покажа како некој проблем речиси до крајот на турата. Сериозен недостаток на вода почувствуваме на спустот од Цуце кон село Љубојно, па имавме голема среќа што во прашање беа 5-6 (не баш наивни и лесни) километри низ густата дабова шума кои требаше да се издржат без вода, во ноќни услови.

Со Аце кон Голема Грива

…со спокојно темпо.

На Шкамби и Рофес со Аце

Следеа Голема Грива, соло на Аце на Скрково, средба со нас на Муса и продолжување кон пограничниот венец од врвови на Баба Планина на границата со Грција. После попатното искачување на Баба и Лош Камен, следеше врвичната импресија Шкамби и Рофес. Прекрасен врв, со одлична нагорна линија на искачување и уште пострмна линија на спуст. И тогаш, после Шкамби и Рофес, се подаде неговото величество, фантазмагоричниот Бојаџиев Врв. Неопишлива импресија од глетката на врвичната планинска манифестација. Му пристапивме од седлото кое го дели од Шкамби и Рофес, по стрмната источна падина, „за филингот да биде појак“ (како што меѓусебно прокоментиравме со Аце и Антонио). Таму направивме пристојна пауза за храна, пред да се упатиме по стрмниот западен спуст, кон претпоследниот врв во пописот од турата – Балтан. Го искачивме со Аце, и му се придруживме на Антонио на широкиот пат кој не водеше до под последната врвична импресија и предизвик за тоа деноноќие – гордиот Цуце.

Мери и Златко

Чичко Пецо

Баба е прекрасна и раскошна планина

После кратка пауза, бидејќи веќе беше стемнето и ладно на врвот, побрзавме надолу, кон шумата и бесконечниот лавиринт од шумски патчиња кои требаше да не одведат до конечното одредиште за финиш, селото Љубојно. И покрај не така наивните, но не многу долги компликации во „борбата со чудната шума“, после извесно време поминато во „лутање“ низ шумската мистерија, не толку уморни колку радосни и среќни што Аце успеа, а ние со задоволство и го дружевме, некаде пред Љубојно се сретнавме со Мери и Филип кои не чекаа, во еден тивок, но емотивен финиш на оваа импозантна авантура.

На Бојаџиев Врв

На Балтан

На последниот врв во рамки на турата – гордиот Цуце

„Финито бриганте“

Технички податоци: Должина на патеката околу 85 км, со 5.400 позитивна денивелација. Целта остварена за околу 19 часа и 20-тина минути (време на движење кога беше искачен последниот врв Цуце, со што се заокружи целта).

Попис на целни и искачени врвови:

Вртешка 2010м (Аце и Туманоски)
Мала Чука 2009м (Аце и Туманоски)
Голема Чука 2179м (Аце и Туманоски)
Козји Камен 2180м( Аце и Туманоски)
Пелистер 2601м (Аце и Туманоски)
Илинден 2542м (Аце)
Стив 2468м (Аце)
Широко Стапало 2415м (Аце и Туманоски)
Партизански Врв 2349м (Аце и Туманоски)
Ветерница 2420м (Аце, Туманоски, Еленин, Каранфилоски)
Мразарник 2235м (Аце, Туманоски, Еленин, Каранфилоски)
Марушица 2091м (Аце и Еленин)
Големо Врвче 2103м (Аце и Еленин)
Орлов Врв 2260м (Аце)
Голема Грива 2195м (Аце и Еленин)
Скрково 2146м (Аце)
Муза 2351м (Аце, Еленин и Каранфилоски)
Баба 2093м (Аце, Еленин и Каранфилоски)
Лош Камен 2081м (Аце, Еленин и Каранфилоски)
Шкамби и Рофес 2196м (Аце, Еленин и Каранфилоски)
Бојаџиев Врв 2331м (Аце, Еленин и Каранфилоски)
Балтан 2117м (Аце и Еленин)
Цуце 2120м (Аце, Еленин и Каранфилоски)

Текст: Александар Еленин

Фотографии: Александар Еленин, Александар Стојкоски, Филип Туманоски

Advertisements
To Top