Продолжува „службениот“ чалам: Првиот човек на „Алфите“ со службена кола на викенд?


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


По примена дојава и проследена со фотографски докази, „Независен“ пренесува дека првиот човек на специјалната единица „Алфи“, Примислав Димовски, со службено возило од марката „Шкода“ бил во приватна посета во Охрид, наводно на свадба кај ќерка од негов близок пријател.

До редакцијата на „Независен весник“ пристигнаа фотографии на кои се гледа спорното возило снимено во Охрид.

Од весникот го контактирале Димовски, но тој одговори дека не смее да зборува со новинари без да добие дозвола од неговите надредени. Неговите блиски потврдиле оти тој навистина бил во Охрид, но демантираат дека присуствувал на свадба, односно дека природата на неговата посета била приватна.

Од друга страна, според нив, Димовски бил еден од десетината началници во МВР што имале овластувања да патуваат со службено возило кога сакаат (24 часа на ден) и каде што сакаат низ Македонија.

Функционери во МВР, пак, потврдуваат дека тој може да оди каде што сака, но нема овластување да работи надвор од Скопје, освен доколку не добие посебен налог од неговите претпоставени – во случајов, началникот на скопската полиција Тони Јакимовски поради што е проблематичен неговиот излет во Охрид. Имено, пред четири години, „Алфа“ доби статус на посебна единица за прв одговор и интервенција во рамки на СВР (Сектор за внатрешни работи) Скопје поради што овластувањата важат исклучиво на територијата на Град Скопје.

Примислав Димовски е поранешен истакнат боксер, неколкукратен државен првак, кој пред неколку месеци беше поставен и за претседател на Боксерската федерација на Македонија. На чело на „алфите“ беше именуван секојпат кога со МВР раководеше Оливер Спасовски, па дури и кога беше технички министер во владата на ВМРО-ДПМНЕ. Го наследи Ивица Антевски-Пуки, чиј глас се слуша на еден од прислушуваните разговори што ги објавуваше тогашниот претседател на СДСМ, Зоран Заев. Полициската единица „Алфа“ е задолжена за интервенции во урбани средини за спречување тешки облици на криминал.

Целиот текст во Независен