Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Британскиот режисер Дени Бојл се откажа од режирање на новото продолжение од серијалот играни филмови со тајниот агент 007 поради „креативни разидувања и разлики“, изјави во вторникот продуцентот на повеќемилионската франшиза.
„Мајкл Џ. Вилсон, Барбара Броколи и Даниел Крег денес објавија дека поради креативни разидувања и разлики Дени Бојл одлучи да не го режира филмот Bond 25“, пишува во соопштението на официјалниот 007 Твитер профил.
Во објавата не се изнесуваат детали за споменатите разлики, како ни информации за тоа кој ќе биде новиот режисер кој ќе ја потпише режијата на овој филмски хит во најава.
25-от филм од франшизата за Џејмс Бонд, чиј сопственик е MGM, моментално е во претпродукција, а премиерата се очекува во ноември 2019 година.
Бојл го режираше оскаровскиот „Slumdog Millionaire“ од 2008 година, кој освои осум Оскари, а во мај оваа година беше објавено дека ќе го режира новиот филм со Џејмс Бонд.
Тогаш продуцентите Броколи и Вилсон во својата изјава истакнаа дека Бојл е „исклучително талентиран“. Исто така, објавија дека Крег по петти пат ќе го толкува ликот на тајниот агент.
Продукцијата требаше да започне во декември, во Лондон.
Франшизата „Џејмс Бонд“ е една од највредните во филмската индустрија. Последниот филм од оваа франшиза, „Spectre“ од 2015 година, кој го режираше Сем Мендес, заработи 880 милиони долари од прикажување во кината ширум светот.
Мендес го режираше и „Skyfall“ од 2012 година, кој заработи над една милијарда долари.