Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Еден од двајцата претседатели на бугарското здружение „Шемето“ регистрирано во Македонија, Бекир Кадриески, кој беше физички нападнат во Струга, сака да го продолжи своето лекување во Бугарија.
Во изјава за бугарската телевизија БНТ, Кадриески вели оти лекарите во болницата во Струга не се труделе многу околу него и не му направиле никакви испитувања иако, како што вели, имал вртоглавици и болки во стомакот.
„Не ми направија никакви контроли, само ми дадоа некои лекарства и една инјекција со диазепам и толку. Ми кажаа – ‘ќе почекаш, кога ќе дојдеш на ред, ќе може да се снимаш и да направиш анализи’“, изјави Кадриески за БНТ.
Копретседателот на бугарскиот клуб изрази сомнеж за лекарствата кои му биле давани во струшката болница. Кажа дека му биле давани исти лекарства, а имал различни болки – во главата и во стомакот. Поради тоа, како што додаде, сите потребни прегледи во врска со неговата здравствена состојба сака да ги направи во Бугарија.
Прашан дали се знаел со човекот кој го нападна, Кадриески кажа оти во Струга секој со секого се знае, но додаде оти со напаѓачот немал никаков претходен контакт.
„Кој е човекот, што е, и јас не знам. Шират некои лажни информации на телевизија, на вести, по портали. Јас првпат се бев сретнал со човекот кој ме нападна. Сум го гледал претходно во град, но не сум бил близок, не сум имал никаков контакт со него. Ние во Струга сме мал крај и сите се познаваме, но не сме со сите блиски“, рече Кадриески.
Покрај Кадриески, во вклучувањето во живот на БНТ говореше и вториот копретседател на здружението „Шемето“, Живко Чакракчиев, кој е и бугарски државјанин. Тој кажа дека живее во Бугарија, но дека дошол во Струга да го посети својот колега и да понуди каква било помош во целата ситуација.
„Денеска ќе се сретнам со полицијата за да дознам што се презема во врска со случајот. Од она што досега го знам, е дека напаѓачот се предал. Министерот за внатрешни работи на телевизија изјави дека ќе биде сослушан. Во исто време познаници на напаѓачот му се јавуваат на Кадриески, му праќаат луѓе дома да го натераат да оди на средба со напаѓачот за да се разбереме во врска со случајот“, вели вториот копретседател на здружението „Шемето“, Живко Чакракчиев.
Чакракчиев изрази сомнеж оти властите во Македонија сакаат да ги прикријат околностите и случајот да го третираат како приватен, а не, како што рече, како злосторство од омраза.
Копретседателот на бугарското здружение „Шемето“, Бекир Кадриески, кој беше претепан во Струга, е државјанин на Македонија. Тој нема бугарски пасош, но откако беше претепан, изјави дека има бугарски идентитет.