Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Помалите партии ЛДП, ДОМ, НСДП и ДПА, кои на локалните избори настапија самостојно, денеска најавија дека нема да поддржат формирање на ново парламентарно мнозинство во Собранието, ниту пак се сложни за одржување на предвремени парламентарни избори.
– И пред да започне кампањата, кога го формиравме движењето „Одлучно за промени“ кажавме дека сме дел од парламентарното мнозинство и дека мнозинството и Владата се стабилни и не поддржуваме одржување на предвремени парламентарни избори и формирање на ново парламентарно мнозинство бидејќи на Македонија и е потребна стабилност, се соочуваме со енергетска криза и се уште трае ковид пандемијата, изјави пратеничката Маја Морачанин од ДОМ.
Таа додаде дека нема да инсистираат на оставка на премиерот Зоран Заев, но и очекуваат да дознаат кои се визиите на новиот премиер.
И партијата на Мендух Тачи – ДПА излезе со став дека актуелната влада има легитимитет, додавајќи дека нема да се случи ништо драматично.
„Не гледам никаква причина нешто драматично да се случи. Сакаат да ја изместат темата. Беа локални избори. Ако сакат да зборуваат за легитимитет на Влада, оваа влада и на овие избори има легитимитет. Апсолутно има многу повеќе гласови од опозицијата. Дали ќе се делиме на албанска или македонска опозиција или ќе останеме Влада и опозиција. Влада и опозиција на овие избори разликата е над 100 илјади гласови. Не очекувам ништо“, рече Тачи.
На иста линија е и Тито Петковски од НСДП, кој исто така смета дека не треба да има предвремени парламентарни избори.
„Стоиме на поддршката на парламентарно мнозинство со учество во оваа Влада и сметаме дека таа треба да продолжи. Се случија локални избори, Македонија мислам дека доби. Друго прашање е кој како тоа ќе го толкува. Завршија локалните избори и градоначалниците треба да си ги преземаат функциите, да се однесуваат одговорно и Владата да си продолжи. На средбата сега, треба да има договор за тоа како понатаму ќе се движат работите за составот на Владата, бидејќи премиерот си поднесе оставка и според Уставот паѓа целата Влада. Ние, коалициските партнери од парламентарното мнозинство, ќе разговараме за тоа како понатаму целокупната постапка ќе се одвива, бидејќи процедурата е јасна според Уставот како треба да се движи. Прашање е сега како поблиску да се дојде или до кандидат, ако останува исто парламентарно мнозинство или во меѓувреме ќе настане некое прегрупирање можеби или ново парламентарно мнозинство. Сè е можно“, рече Петковски.
ЛДП, ДПА, НСДСП и ДОМ имаат вкупно шест пратеници во парламентарното мнозинство кое брои 62, и тоа: двајца има НСДП, двајца ЛДП, еден ДОМ и еден ДПА.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во изјава за телевизија 21 рече дека синоќа имал тензичен разговор со Зоран Заев, додавајќи дека тој не се согласува со одлуката Заев да се повлече од премиерската функција и од претседателската функција во СДСМ.
Зоран Заев синоќа најави оставка од двете функции откако беа објавени резултатите од вториот круг на локалните избори во земјава. Заев денеска не се појави во јавност откако синоќа ја објави оставката.