Подоцна отколку што се мислеше: Еве кога исчезнале последните хомо еректуси


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Древниот роднина на современиот човек живеел до релативно неодамнешни времиња (ставено во временски контекст на генеалогијата на човечкиот род) во Југоисточна Азија, откриваат резултатите на една нова студија посветена на овој наш предок.

Хомо еректусот еволуирал пред околу 2 милиони години и е првиот познат човечки вид што одел целосно исправено.

Последните хомо еректуси изумреле пред околу 110.000 години на островот Јава во Индонезија, вели студија објавена неодамна во списанието „Нејчр“, каде што преживеале подолго отколку на другите места во светот.

Ова значи дека хомо еректусот сè уште бил тука кога нашиот вид почнал да шета по Земјината топка.

„Првпат со сигурност утврдивме кога точно изумрел хомо еректусот, еден од нашите најзначајни предци“, рече за Франс прес Кира Веставеј од универзитетот Мекквари во Австралија, коавторка на студијата.

Фосилни остатоци од хомо еректус, 12 дела од череп и две коски од нозе беа пронајдени во 1930-тите години во Нгандонг, на брегот на реката Соло, во Јава, Индонезија, но нивната старост не можеше точно да се утврди.

Постоењето на хомо еректус се проценува на околу еден и пол милиони години. Тој бил првиот далечен предок на денешниот човек, кој пред 1,8 милиони години ја напуштил Африка.

„Хомо еректусот од Нгандонг има најголем мозок и највисоко чело меѓу сите познати хомо еректуси, што е знак за голема еволутивна промена. Одредувањето кога се случила оваа промена е клучно за нашето разбирање на далечните предци“, додава Веставеј.