Разговори за загадувањето кај Пендаровски: Државните институции изгубени пред овој проблем


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Македонскиот претседател Стево Пендаровски вчера попладнето во својот кабинет ги повика сите надлежни институции и активистите за зачувување и заштита на животна средина на разговор за проблемите со загадувањето со кои се соочува нашата земја. Заклучокот е дека два најголеми проблеми во борбата со загадувањето се парите и неорганизираноста, пренесува Дојче Веле.

Проблемот со загадувањето во Македонија за првпат се издигна на највисоко ниво, со денешниот самит кој го организираше шефот на државата Стево Пендаровски. На него, покрај сите надлежни институции и министерства, присуствуваа и претставници на невладини организации кои подолго време бараат мерки за санација на проблемите. Состанокот им дал можност и на активистите да се уверат колку е неорганизирана државата во решавањето и на хроничните и на акутните проблеми.

„Кога првпат ќе имате можност да седнете со целиот државен врв и нема можност да се препрати вината на некој друг што е надвор, а не е на масата, ќе видите дека координацијата меѓу министерствата не е на најдобро ниво. Тоа е една од причините зошто сме тука, каде што сме“, изјави по состанокот Душко Груевски од битолската организација „Еко Фронт“.

Еколошките активисти имаат четири барања од државата: забрана за увоз на отпад, анализа на изградбата на хидроцентрали во заштитени подрачја, поддршка од полицијата при инспекциските контроли и контрола на дивоградбите.

Дали и што од барањата ќе се реализира во пракса, е непознаница и за активистите. Груевски вели дека владините институции и досега ги прифаќале нивните барања, но малку се реализирало.

По двочасовна дебата, претседателот Пендаровски констатира дека никогаш досега не се разговарало на толку високо ниво за проблемите и дека им дал можност на невладините организации да побараат отчет од надлежните.

„Неспорно е дека е потребно и на ова ниво да дадеме еден импулс плус во јавноста, да ова прашање се третира не ад-хок, туку системски, односно посистемски од досега“, рече Пендаровски.

А таквите системски решенија ќе чинат и многу пари, како што потврди и Пендаровски, алудирајќи на Поглавјето 27 од преговорите со ЕУ кое земјата во иднина ќе треба да го отвори.

„Ако одиме по тие параметри, значи уште сега би можеле да кажеме една цифра, како една груба проценка, дека нас поглавјето 27 би не чинело над 5 милијарди евра. Значи станува збор за исклучително важен сегмент од животот на луѓето“, вели Пендаровски.