Почина Михаил Горбачов – човекот во чие владеење се распадна СССР, а подоцна ја доби Нобеловата награда за мир


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


На 92-годишна возраст ноќеска почина Михаил Горбачов.

Роден на 2 март 1931 беше политички лидер на Советскиот Сојуз од 1985 до 1991 и генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз. Неговиот обид за реформи доведе до распад на Сојузот на Советски Социјалистички Републики. Беше награден со Нобелова награда за мир во 1990 година.

Михаил Горбачов е роден во селанско семејство во местото Привољное во близина на Ставропол во јужна Русија. Израснал под тоталитарниот режим на Јосиф Сталин, неговите баба и дедо биле депортирани како побогати селани (кулаци). И Покрај неволјите, тој бил одличен во училиште. Сметан е за најинтелигентен во одделението, со особено интересирање за историја и математика. По завршувањето на училиштето, му помогнал на татко му во рекордната жетва на колхозот, за што бил одликуван со Орден на Црвеното работничко знаме. Било реткост некој на негови години да добие толку големо признание. Неговата награда, заедно со интелигенцијата, му помогнала да обезбеди место на Московскиот универзитет, каде студирал право. Мора да се напомене дека за место на така престижен универзитет, било многу често потребно да се имаат политички амбиции, заедно со интелектуалните способности. Додека студирал во Москва, ја запознал својата идна жена Раиса. Се венчале во септември 1953 и се преселиле во родниот крај на Горбачов каде дипломирал во 1955.

Горбачов стапува во Комунистичката партија на Советскиот Сојуз во својата 21 година. Во 1966 добил дописна диплома агроном-економист од Земјоделскиот институт. Неговата кариера напредувала брзо и во 1970 е именуван за Прв секретар за земјоделство и следната година станал член на Централниот комитет. Во 1972 бил на челото на советската делегација во Белгија, а две години подоцна, во 1974 станал претставник во Врховниот совет и претседател за младински прашања.

Во 1979, Горбачов е унапреден во Политбирото. Тука ја стекнал наклонетоста на Јуриј Андропов, шефот на КГБ исто така со потекло од Ставропол и добил неколку унапредувања за време на краткото време на Андропов на челото на Партијата пред неговата смрт во 1984.

По смртта на Константин Черњенко, Михаил Горбачов е избран за Генерален секретар на КПСС на 11 март 1985 година. Стана првиот лидер на Партијата роден по Руската револуција во 1917. Како де факто владетел на Советскиот Сојуз, се обиде да ја реформира стагнирачката Комунистичка партија како и државната економија со воведување „гласност“ (отвореност), „перестројка“ (реструктуирање) и „ускоренија“ (забрзувања на економскиот развој), иницирани на 27 конгрес на КПСС во февруари 1986.

Во меѓународната политика Горбачов сакаше да ги подобри односите и трговијата со Западот. Воспостави блиски односи со неколку западни лидери, како британската премиерка Маргарет Талер, канцеларот на Западна Германија Хелмут Кол и американскиот претседател Роналд Реган. На 11 октомври 1986 година Горбачов и Реган се сретнаа во Рејкјавик за да разговараат за намалување на нуклеарното оружје со среден дострел во Европа. Ова доведе до потпишување на Договорот за нуклеарни ракети со среден дострел во 1987.

Во февруари 1988, Горбачов објави повлекување на советските сили од Авганистан. Повлекувањето заврши следната година, иако граѓанската војна продолжи бидејќи муџахедините сакаа да го урнат просоветскиот режим на Мохамед Наџибулах. Се проценува дека 15.000 советски војници се убиени во судирите меѓу 1979 и 1989.

Исто така во 1988, Горбачов објави дека Советскиот Сојуз ќе ја напушти Доктрината на Брежњев и ќе им дозволи на народите од Источниот блок самите да ја изберат својата внатрешна политика. Ова се покажа како најрадикално достигнување на реформата на надворешната политика на Горбачов. Напуштањето на Доктрината на Брежњев доведе до низа револуции во Источна Европа во 1989 со кои беше урнат комунизмот. Со исклучок на Романија, бунтовите против просоветските режими беа мирни.

Горбачов генерално беше добро оценет на Западот откако ја заврши Студената војна. Сепак во Русија, неговиот углед беше многу низок бидејќи беше означен како виновник за колапсот на државата и одговорен за економската беда која следеше.

На забелешката на Горбачов за време на разговорот со американскиот државен секретар Џејмс Бејкер дека ширењето на НАТО е неприфатливо, шефот на американската дипломатија буквално му кажал:

„Ни претседателот, ни јас немаме намера да извлечеме еднострана корист од актуелните процеси“, односно распадот на социјалистичкиот блок кој во тој момент станувал реалност.

„Ако ја зачуваме Германија во НАТО, јурисдикцијата на Алијансата нема да се прошири ниту една педа на исток“, му ветил Бејкер на Горбачов.

Доказ за тоа е стенограм од нивниот разговор на 9 февруари.