Овие 7 филма имаат најмногу шанси за Оскар за најдобар филм според критичарите


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Вкупно 29 критичари од еминентни светски сајтови ги изнесоа своите филмски фаворити за освојување на Оскар за најдобар филм.

Овогодинешната, 90-та по ред церемонија на доделување на филмските награди Оскар ќе се одржи на 4 март во Dolby Theatre. Официјалното гласање за најдобри филмови во секоја категорија, во кое учествуваат членови на Американската филмска академија, почнува на 5 јануари. Финалната листа на номинирани филмови ќе биде објавена на 23 јануари.

До објавување на финалната листа на номинирани има нешто повеќе од две недели, така што шпекулациите за добитниците веќе почнаа да кружат. Најинтересна категорија, секако, е онаа за најдобар филм.

GoldDerby, страницата која се занимава со предвидување на победниците на доделување на Оскарите, направи листа од 29 филмски критичари од познати светски сајтови како IMDB, Rolling Stone, Variety, Rotten Tomatoes, Vanity Fair и други, кои ја изнесоа својата лична топ 10 листа на филмови со најголеми шанси да освојат Оскар за најдобар филм.

Тука ви ја пренесуваме листата со седум филма кои имаат најголеми шанси да освојат Оскар за најдобар филм според мислењата на филмската критика. Филмовите се рангирани според тоа колку од споменатите 29 критичари ги ставиле на прво место како најизгледни добитници на овогодинешната престижна филмска награда.

GET OUT (8 гласа)

Од споменатиот број филмски критичари, најголем дел предвидуваат дека оваа година Оскарот за најдобар филм ќе го однесе Get Out. Осуммина од нив сметаат дека ќе се случи токму тоа, што е прилично неочекувано.

Во досегашната пракса, филмовите издадени на почетокот од годината во поголем дел од случаите се игнорирани (Get Out излезе на 24 февруари минатата година). Хорорите никогаш не освојуваат Оскар за најдобар филм (Silence Of The Lambs во 1991 стана првиот и остана единствен хорор кој освои Оскар за најдобар филм). Дебитантските режисери, по правило, имаат минимални шанси за ваква награда.

Новопечениот режисер Џордан Пил ги сруши сите овие наведени „правила“. Неговиот хорор со примеси на хумор, всушност, е паметно осмислена сатирична критика на современото општество. Засега веќе има две номинации за Златен глобус, за многумина неочекувано во категоријата за најдобра комедија, како и за најдобар актер во комедија – Даниел Калуја.

DUNKIRK (7 гласа)

Вториот филм кој е најголем кандидат за Оскар според критичарите е воениот спектакл Dunkikr од Кристофер Нолан. Нолан досега се покажа како многу успешен режисер, уште е на прво меѓу режисерите со најмногу филмови на IMDB листата со 250 најдобри филмови, а Dunkirk му е прв филм кој е снимен според вистинит настан.

Приказната е веќе позната, филмот го обработува историското спасување на речиси 400.000 сојузни војници од окружната германска војска од Данкирк, гратче на францускиот брег. Нолан оваа тема ја обработи на специфичен, и по малку необичен начин.

Филмот е многу сиромашен со дијалози и карактеризација на ликовите. Наместо тоа, Нолан сакаше да ја постави камерата во самиот центар на акцијата за да се обиде на гледачите да им го пренесе чувството како е да се биде таму, без премногу објаснување.

THE POST (5 гласа)

Стивен Спилберг кога и да сними нов филм, се очекува да биде кандидат за Оскар во неколку категории. Ништо поразлично не е ниту со The Post, за кој петмина критичари прогнозираат дека ќе ја однесе златната статуетка за најдобро филмско остварување во целина.

Спилберг докажа дека не се плаши од комплицирани теми. Овој пат ја пренесува вистинската приказна за необичното партнерство помеѓу Кетрин Греам, издавачка на Вашингтон Пост (и прва жена на издавачка позиција) и уредникот Бен Бредли. И двајцата ги ризикуваат своите кариер, но и слободата, во обид да ги разоткријат владините тајни кои се провлекуваат три децении и мандатите на четворица амреикански претседатели.

Најголеми адути на филмот се Мерил Стрип и Том Хенкс во главните улоги. Иако станува збор за историска драма, филмот на суптилен начин задира и во актуелните политички проблеми.

LADY BIRD (5 гласа)

Режисерскиот првенец на Грете Гервиг ги воодушеви критичарите, за што доволно говорат фантастичните 99% позитивни критики на Rotten Tomatoes, а до неодамна беше и најдобро оценет филм во историјата на овој сајт.

Lady Bird е трогателна драма со елементи на комедија за растењето на една девојка и нејзиниот однос со мајката, инспирирана од сопствениот живот на режисерката, за која таа го напиша и сценариото.

THE SHAPE OF WATER (2 гласа)

Гиљермо дел Торо сними уште една фантастична бајка во негов препознатлив и визуелно импресивен стил.

Дејството на филмот е сместено во Амерка за време на Студената војна. Елза е глувонема чистачка која работи во доста строго чувана владина фабрика. Нејзиниот живот драматично се менува кога ќе открие дека владата во таа фабрика, во тајност, прави експерименти на чудно човеколико подводно суштество. Нештата дополнително се комплицираат кога Елза ќе се заљуби во необичното суштество.

THREE BILLBOARDS OUTSIDE EBBING, MISSOURI (1 глас)

Режисерот Мартин МекДона веќе освои Оскар за најдобар краток филм со својот Six Shooter, а освои и номинација со In Bruges за најдобро сценарио. Но, изгледно е дека Three Billboards Outside Ebbing, Missouri ќе се покаже како врв на неговата кариера.

Црнохумористичната комедија го следи настојувањето на мајката, чија ќерка е убиена, да ја натера локалната полиција да се ангажира околу случајот и да го пронајде убиецот. За да ги натера на акција, таа поставува три џамбо билборди на влезот од нивното гратче, на кои јавно го прозива шерифот и неговата инертност.

CALL ME BY YOUR NAME (1 глас)

Новиот филм на режисерот Лукa Гадањинo е романтина, иако контроверзна, приказна настаната според романот на Андре Ачиман. Дејството е сместено во рурална Италија, во летото 1983 година, каде 17-годишниот Елио своите денови ги поминува со семејството во една старинска вила и флертува со згодната сосетка Марица.

Нештата се комплицираат кога ќе се појави Оливер, пријател на таткото од Елио. Иако значително повозрасен од Елио, помеѓу него и Оливер ќе почнат да се развиваат чувства, преку кои Елио ја открива својата сексуалност. Станува збор за љубов меѓу маж и тинејџер, а критичарите се согласуваат дека се работи за меланхолична и моќна приказна за првото вљубување.

Call Me By Your Name е еден од најдобро оценетите филмови оваа година, со високи 97% позитивни критики на Rotten Tomatoes. Впечатливите улоги ги играат Арми Хамер како Оливер и младиот Тимоте Каламет како Елио.

Комплетната листа на целосниот изборот од секој од овие 29 режисери можете да ја погледнете ТУКА.