Џон Мулејни го нарече американскиот секретар за здравство и социјални услуги Роберт Ф. Кенеди Помладиот „глупак“ во својот стендап-монолог во „Сабота навечер во живо“, емитуван во саботата, на 14 ноември.
„Никој веќе не го сака тој човек“, се пошегува 44-годишниот комичар. „Во каква ситуација се најде. Имам пријатели десничари кои порано го поддржуваа.“
Во текот на монологот, Мулејни повеќепати му се обраќаше на 72-годишниот Кенеди со „Боби“ и откри дека го познава повеќе од една деценија.
„Ако јас те познавам повеќе од десет години, не би требало да бидеш во владата“, се пошегува тој. „Јас познавам секакви откачени луѓе!“
Комичарот раскажа дека се запознал со Кенеди додека идниот секретар за здравство работел како адвокат за еколошко право. Кенеди дипломирал право на Универзитетот во Вирџинија во 1982 година, а во 1987 година магистрирал еколошко право на Универзитетот „Пејс“.
„Не беше баш адвокат. Само се приклучуваше кон судски предмети при крај, кога веќе се гледаше дека ќе бидат добиени“, тврдеше Мулејни. „Ја имаше онаа глупава организација во Њујорк, се викаа ’Риверкиперс‘.“
Кенеди е поврзан со активностите за заштита на реката Хадсон уште од 1980-тите години. Ја основал организацијата „Риверкиперс“ за да помогне во одржувањето на чистотата на нејзините притоки. Одделот за заштита на животната средина на градот Њујорк утврдил дека Хадсон е безбедна за пливање, иако во минатото имало бројни наводи за загадување.
„Беа задолжени да ја одржуваат чиста реката Хадсон во Њујорк“, рече Мулејни. „Тоа му беше работата. Ете колку добро си ја врши работата. Претходно требаше да ја одржува чиста Хадсон — река чија автохтона риба беше употребен кондом врзан во јазол. А сега е задолжен за стомачињата на сите нас.“
Мулејни го заврши монологот споредувајќи го рапавиот глас на Кенеди со гласот на „мајката од Гуниси“. Напрегнатиот и треперлив глас на Кенеди е последица на невролошка состојба позната како спазмодична дисфонија.
Редакцијата на „Јус викли“ побарала коментар од американското Министерство за здравство и социјални услуги.

Ова не е првпат Мулејни јавно да го исмева Кенеди. За време на комичарскиот настап на Нетфликс, „Night of Too Many Stars“, во мај, го обвини дека ја изневерува сопругата, Шерил Хајнс, „како куче“.
„Извинете ако ве згрозив“, се пошегува тој. „Има луѓе од Вест Сајд кои точно знаат за што зборувам. Извинете што во ’Холивуд боул‘ изнесов нешто што веќе е јавно познато.“
Мулејни, по сè изгледа, алудираше на наводите дека Кенеди разменувал пораки со сексуална содржина со новинарката на Њујорк магазин, Оливија Нуци, додека таа ја следела неговата претседателска кампања во 2024 година.
Списанието соопшти дека 33-годишната Нуци не ја пријавила својата „лична врска“ со кандидат за кого известувала, но во соопштението не го именуваше директно Кенеди. Нуци и Њујорк магазин подоцна ја прекинаа соработката, иако списанието утврди дека во нејзиното известување „нема неточности ниту докази за пристрасност“.
Извор: US Weekly