
Само еден месец по премиерата на првата сезона, потврдено е дека „Холивуд артс“ ќе добие и втора сезона на Нетфликс. Веста беше објавена во саботата, на 14 ноември.
Развојот на серијата, која е продолжение на „Викториус“, беше најавен во февруари 2025 година. Подоцна истата година беше соопштено дека прво ќе се прикажува на Нетфликс, а потоа на Никелодеон и Парамаунт+. Снимањето заврши на почетокот од годинава, а премиерата на Нетфликс беше во октомври.

За што раскажува „Холивуд артс“?
Трина Вега, актерка која се мачи да успее, се враќа во своето поранешно средно училиште „Холивуд артс“ како заменска наставничка, иако ги нема потребните квалификации. Набргу влегува во судири со новата генерација амбициозни и талентирани ученици, но неочекувано станува и нивна инспирација додека го бараат својот пат во најелитното холивудско училиште за изведувачки уметности.
Даниела Моне повторно ја толкува Трина Вега, а воедно е и извршна продуцентка на серијата. Во актерската екипа се и младите Алиса Мајлс, Ерика Свејзи, Еми Лиу-Ванг, Пејтон Џексон и Мартин Кам.
Покрај Моне, на своите улоги се вратија и други актери од оригиналната серија „Викториус“.

Потврдена е втората сезона
„Ви благодариме што ја гледате ‘Холивуд артс’ на Нетфликс. Многу сме возбудени што ќе ви донесеме уште една сезона!“, напиша Даниела на Инстаграм.
Нетфликс објави уште едно видео со пораката: „Сите на своите места! Пристигнува втората сезона на ‘Холивуд артс’!“
Продолжувањето можеби и не е големо изненадување за оние што ги следеа вестите за серијата во изминатата година. Кога лани беше најавено нејзиното доаѓање на Нетфликс, беше објавено дека платформата ги добила правата за прикажување со нарачка од вкупно 26 епизоди, според „Дедлајн“.
Првата сезона има 12 епизоди, што остава можност втората да содржи 14 епизоди.
Извор: Just Jared