Откриени тајните на „Симпсонови“: Зошто се жолти, како ги добиле имињата и кој сè гостувал


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Речиси да нема човек на планетата Земја на кој му се достапни традиционалните и модерни медиуми, а да изгледал барем една епизода од славната анимирана серија „Симпсонови“ („The Simpsons“). И веројатно сите кои ги гледале и ги знаат Симпсонови, сигурно барем еднаш се запрашале зошто се тие жолти?

Токму таа и други тајни и детали поврзани со една од најпопуларните, ако не и најпопуларна анимирана серија на модерното време, ги открива сценаристот на серијата, Мајк Рајс.

Мајк ја прифатил идејата на аниматорот Мет Гронинг кој ги цртал ликовите тие да бидат жолти, бидејќи главно тие немаат многу коса, односно немаат линии кои ја дефинираат косата. Рајс работел на серијата од самиот почеток на нејзиното емитување – 1989 година.

„Барт, Лиза и Меги немаат линии од коса, односно линии кои ќе ја одвојуваат нивната коса од кожата. Аниматорот избра жолта боја бидејќи истата е некоја нијанса и на боја и на кожа“, открива Рајс.

Исто така, тој открива дека името за градот Спрингфилд го позајмил од серијата „Father Knows Best“, кој беше хит во ’50-те години од минатиот век. Спрингфилд излегува на океан и на источната и на западната страна.

„Еднаш кажавме дека Источен Спрингфилд е со големина на три Тексаси, а во една епизода Хомер го чисти снегот рано наутро, додека истиот ден попладнето пие лимонада и се нишка во висечка мрежа за лежење. Ова доведува до прашањето на која планета се наоѓа Спрингфилд“, вели авторот.

Името на серијата и презимето на славното семејство доаѓа од зборот „simpletons“, што во превод значи глупави луѓе.

Кога е во прашање „гостувањето“ на Мајкл Џексон, тој навистина го позајмил својот глас кога зборува по телефон со Барт, но вокалните изведби ги снимил неговиот дублер кој има сличен глас како Џексон, Кип Ленон. Кога го прашале зошто не пеел тој, Џексон кратко изјавил дека: „Тоа е шега на сметка на моите браќа“.

Иако гостуваа и Билтс, Стивен Хокинг и Елизабет Тејлор неколку пати, Брус Спрингстин и Том Круз одбиле да гостуваат во било каква форма.

Што се однесува до имињата, Хомер и Марџ ги добиле според реални луѓе, бидејќи креаторот Мет Гронинг ги користел своите родители како инспирација. Лиза и Меги имињата ги добиле според неговите сестри, додека името од Барт е сосема фиктивно.

Книгата „Springfield Confidential: Jokes, Secrets and Outright Lies from a Lifetime Writing for The Simpsons“ веќе е пуштена во продажба.