Вебкафе

Оригинална партитура напишана од Моцарт продадена за 372.500 евра

Партитура за менуети оригинално напишана од музичкиот гениј Волфганг Амадеус Моцарт кога имал 16 години, и која била дел од колекцијата ракописи на австрискиот писател Штефан Цвајг, на аукција во Париз беше продадена за сума од 372.500 евра, речиси двојно повеќе од почетната цена.

Композицијата со два завршени менуета за оркестар, првично била проценета меѓу 150.000 и 200.000 евра. Компонирана е 1772 година во Салцбург.

„Цвајг бил голем колекционер на нотни записи, меѓу нив можеби најзначајни се оние од Моцарт. Ова е единствениот примерок од партитурата. Моцарт секогаш застанувал кај првата верзија, за разлика од Бетовен, кој постојано би му се враќал на својот труд“, рече Сајмон Мегвајер, стручњак за музички ракописи во аукциската куќа „Sotheby’s“.

На нотниот запис, со ракописот на Моцарт е напишано и „готово”. Тој никогаш никаде не е објавен, има неколку исправки и мали измени, од кои една или две се од таткото на Моцарт – Леополд. Композицијата ја зачувала сестрата на славниот музичар – Марија Ана, а на крај делото завршило во обемната колекција на Штефан Цвајг.

Записот е единствен од „Шест менуети К.164“ којшто сè уште е во приватна сопственост. Наддавањето е во рамки на продажбата на дела од библиотеката на познатиот швајцарски библиофил Жан-Франсоа Шапоние.

Моцарт своите први музички дела ги компонирал како дете со помош на татко си.

Advertisements
To Top