
Тајните на вечната убавина и ненадмината елеганција на Одри Хепберн
Одри Хепберн, родена на 4 мај 1929 година, и денес останува една од најелегантните и најубавите икони во историјата на модата и филмот.
Нејзиниот грациозен изглед, природната убавина и ненападната софистицираност го обликуваа поимот за женственост, елеганција и стил за цели генерации. Освен по нејзината значајна уметничка кариера, Одри беше позната и по нејзиниот уникатен изглед, кој и денес останува ненадминлив.
Очите како на срна, беспрекорната кожа и сензуалните усни во нијанси на корал станаа нејзин заштитен знак. Токму тој магичен изглед го создаде прочуениот шминкер Алберто де Роси, миленик на тогашните ѕвезди како Елизабет Тејлор, Марија Калас и Ава Гарднер.
Во една ретка изјава од 1972 година, која ја откри шминкерката и историчарка Ерин Парсонс, де Роси се присети: „Првпат ѝ ја шминкав за филмот ‘Празник во Рим’, и од тогаш бев задолжен за сите нејзини филмски и фотографски трансформации. Жените ја имитираа тогаш, и сè уште тоа го прават. И секогаш ќе ја имитираат.“
Неговата филозофија на убавина беше едноставна, но софистицирана: чисто лице како платно. „Сапун и вода”, велеше тој. „И за сува кожа постојат соодветни сапуни.“ По темелното чистење, следеше совршено нанесување на пудрата – секогаш рамномерно на лицето и вратот, а потоа сетирање со пудра во прав и завршен спреј кој даваше суптилен сјај.
Техниката на де Роси, иако новаторска за тоа време, и денес предизвикува восхит – внимателна, прецизна и создадена да ја истакне природната убавина на жената, без претерување. Во ерата на дигитална шминка и филтри, неговата едноставност изгледа речиси револуционерно.
Одри Хепберн не беше само актерка – таа беше појава, аура и дефиниција на вистинска елеганција. Нејзините навики за убавина и денес нè потсетуваат дека вистинската убавина е вечна, а софистицираноста никогаш не излегува од мода.