Вилијам Шатнер одговори на навредите од режисерот Џон Карпентер, кој го нарече „ѓубре“, тврдејќи дека актерот го игнорирал кога првпат му се претставил.
„Се најдов на лош глас затоа што не сум го кренал погледот кога си ме поздравил“, напиша 95-годишниот Шатнер во објава на Инстаграм во петокот, 27 ноември.
Карпентер ја раскажа својата верзија на средбата при гостувањето во подкастот „Dropping Names“ на 18 ноември.
„Човеков седеше во просторијата за гости и си го прелистуваше телефонот. Си помислив: ’Ќе влезам и ќе се претставам‘“, раскажа режисерот. „Му реков: ’Здраво, господине Шатнер, јас сум Џон Карпентер‘.“
Според Карпентер, Шатнер продолжил да гледа во телефонот и само одговорил „Мило ми е“, без да го крене погледот.
„Ова ѓубре не го крена погледот од телефонот… Тој е кретен“, изјави Карпентер, опишувајќи ја наводната случка.
Во својот одговор, Шатнер порача дека би го кренал погледот доколку знаел кој му се обраќа.
„Ќе погледнев нагоре, бидејќи ти несомнено си еден од големите филмски режисери и многу ти се восхитувам. Со задоволство ќе ја искористев можноста да разговарам со тебе“, напиша актерот.
Ѕвездата од „Мис таен агент“ го повика Карпентер повторно да му пријде кога ќе се сретнат.
„Следниот пат кога ќе ме видиш, те молам пријди и претстави се, бидејќи навистина не знам како изгледаш, а очигледно ти знаеш како изгледам јас“, додаде Шатнер.
„Но, со задоволство би те поздравил, а ова ѓубре би ти кажало колку ти се восхитува“, продолжи тој, завршувајќи ја пораката со: „Сè најдобро, Вилијам Шатнер“.
Во описот на објавата Шатнер го означи Карпентер и го повика да ја прочита целата порака. „Со љубов, Бил“, додаде телевизиската ѕвезда.
Неколку часа подоцна, Карпентер објави свој одговор на Инстаграм, упатен до актерот од „Бостонски адвокати“, со кој, се чини, покажа подготвеност да го остават недоразбирањето зад себе.
„Те запознав во Орландо, или поточно, те поздравив и ти се претставив во Орландо. Не сакаше да ме погледнеш в очи. Можеби тоа е некоја канадска навика“, напиша Карпентер во петокот. „Подготвен сум да ти дадам уште една шанса. Ако нешто сум, тогаш сум дарежлив.“
Извор: US Weekly