Некои луѓе се поранливи на коронавирусот, други не – еве зошто е тоа така


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Пандемијата на коронавирусот на планетарно ниво се шири од ден на ден, а веќе глобална грижа и одговороност стана како да се спречи истата и да се намалува стапката на заразени луѓе од вирусот.

Луѓето се „резервоари“ каде што вирусот напредува и тие се главни пренесувачи на болеста. Откако се откри дека човечките носители ги контаминираат предметите, постои нов предизвик за чистење на површини и миење раце за спречување на ширењето.

Дури и со вакви мерки, на оние што се најранливи (постари луѓе со некаква здравствена состојба) им се советува да бидат дополнително внимателни. Но, истражувањето за појава на коронавирусот и на минатите епидемии укажува на тоа дека е уште потешко да се спречи пренесувањето кај луѓе со одредени професии и кај оние што живеат во сиромаштија и бездомништво, пренесува Факултети.

Нерамномерен ризик

Луѓето што работат во здравство имаат најголем процент на ризик од изложеност на респираторни инфекции слични на коронавирусот. Во Кина, каде што почна епидемијата, беа заразени повеќе од 3.000 здравствени работници до крајот на февруари.

Но, се покажало дека голем број други групи исто така се изложени на голем ризик на неделна или месечна основа: полицајци, пожарникари, оние што спроведуваат скенирања, дадилки и помошници, стоматолози и оператори за третирање на отпадни води.

Тука се важни и расата и етничката припадност. На пример, во анкетата спроведена за време на пандемијата на Х1Н1 (свински грип), далеку поголем број испитаници со шпанско потекло рекле дека нивната работа не се извршува од дома. Исто така, шпанските испитаници изјавиле дека имаат тешкотии да го избегнуваат јавниот превоз.

Професорката Санда Квин од Универзитетот во Мериленд, која го водела истражувањето, вели дека е загрижена за работниците со ниски приходи што веќе живеат во услови каде што има повеќе луѓе, не можат да земат слободни денови од работа или работат во услови поподложни на зараза од Ковид-19.

– Ова е катастрофа што навистина ќе ја почувствуваат најранливите меѓу нас. Најважното нешто што луѓето често го забораваат во ваква ситуација е дека заразната болест сама по себе не е катастрофа. Катастрофа е кога се случува во одреден контекст – вели професорката.

Во САД коронавирусот се шири низ земја во која расните и етничките малцинства, руралните градови и другите заедници веќе доживеале значителни здравствени разлики.

Бездомниците се посебна грижа во Сиетл, кој не само што е американски регион најтешко погоден од коронавирусот туку е и град со најголемата популација на бездомници во САД. 11.200 бездомници на Сиетл не се заштитени, што значи дека спијат надвор. Повеќето се постари или страдаат од хронични здравствени проблеми.

– Невозможно е да останете здрави кога сте бездомник ни во најдобрите околности, а камоли во пандемија – вели Маргот Кушел, професорка по медицина и директор на Центарот за ранливи популации на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско.

За време на појавата на САРС во Канада, агенциите за бездомници се бореа да најдат средства за дезинфекција за подобра хигиена. САРС беше прилично тешка за идентификување бидејќи многумина во заедницата на бездомници веќе имаа еден или повеќе слични симптоми. Многу даватели на услуги и не знаеја како и каде да одат во карантин бездомниците.

– Инфекциите се еден вид тест за нееднаквост – вели Џон Зелнер, професор по епидемиологија на Универзитетот во Мичиген.

Официјалните препораки за заштита на ранливите луѓе се веќе познати: често мијте ги рацете со сапун и вода, покријте ја устата со лакотот кога кашлате и кивате и останете дома ако сте болни.

Многу работни места преземаат мерки за „социјално растојание“ во обид да го забават ширењето на вирусот. Работници од многу компании почнаа да работат од дома.

– Последната одбранбена линија честопати е составена од луѓе со сериозни економски ограничувања. Луѓето ќе останат дома, но треба да одат да купат намирници. Кој работи во продавниците. Ќе порачате нешто онлајн за да не излегувате надвор? Кој ќе ви го достави тоа што сте го порачале? – вели американскиот гувернер Џеј Инлси.