Не напушти уште една музичка и културна икона – почина македонскиот композирот Александар Џамбазов


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Во Скопје, на 85-годишна возраст, почина композиторот и диригент, маестро Александар Џамбазов.

Џамбазов беше автор на голем број дела од класичната музика, меѓу кои „Рапсодија за Скопје“, „Седум танцови варијации“ за пијано и оркестар, хорски композиции, голем број детски песни…

Роден на 3 февруари 1936 година во Скопје, Џамбазов музичка академија завршил во Белград, по што скоро целата кариера ја минува на работа во Македонската радио-телевизија како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар.

Џамбазов има реализирано бројни концерти во живо, а добитник е на десетици награди. Тој беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца „Златно Славејче“ во Скопје.

Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ) денеска „со огромно жалење“ соопшти дека починал Џамбазов кој беше долгогодишен член на СОКОМ.

Тој е втемелувач на македонската детска и популарна музика со голем број на изведенки, снимени, печатени и наградени дела во земјата и странство, истакнат општествен деец во целокупната музичка култура за што е добитник на 40 стручни и општествени награди и признанија во Македонија и во поранешна СФР Југославија, наведуваат од СОКОМ.

Веста за неговата смрт официјално ја пренесе синот и познатиот актер Игор Џамбазов, кој на својот инстаграм профил сподели фотографија од татко си со зборовите:

„Си замина нашиот МАЕСТРО, тивко и нечујно, како што живееше во последните 25 години…од денес, конечно со својата Анче…вечен нека ни е споменот на тебе, маестро мој“, напиша Игор.

Вчера вечерта и ќерката на Александар, Тања Џамбазова која живее и работи во Америка сподели трогателно видео од својот татко, документарец во кој е сплотено сето сеќавање и љубов за Александар Џамбазов и неговата важност за културата во Македонија.

Таа во објавата напиша:

„Прекрасен документарец за тато Александар, сеќавање на прекрасните денови од стара Југославија, во кои имаше љубов, ентузијазам, насмевки и разбирање од државата за важноста на музичката култура… Благодарам на сите кои го направија овој документарец, споделете го со вашите дома, ќе им биде ќеф. Фала Илина Арсова што го најде, ми се наполни срцето и ми се направи голема грутка во грлото. Преубави времиња, и посебен човек, тато.“