Не е како некогаш: Еве колку заработуваат најголемите холивудски ѕвезди


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


На сите им е горе-долу познат дека американската филмска индустрија во последниве петнаесетина години е драстично променета во повеќе погледи. Кино салите се фокусирани исклучиво на блокбастерски франшизи, „стриминг“ сервисите ги презедоа среднобуџетните филмови, а се појвувањето во некоја сериска франшиза веќе не е „чекор назад“ во кариерата, како што тоа се сметаше во ’80-те и ’90-те.

Меѓутоа, овие промени значително се одразија и на хонорарите од најголемите холивудски актерски имиња.

Златни ’90-ти

Многумина сигурно се сеќаваат на ’90-те години од минатиот век и првите години од првата деценија од 21 век кога големи актерски имиња како Том Хенкс, Том Круз, Џим Кери, Џулија Робертс или Вил Смит по филм редовно добиваа вртоглави хонорари кои надминуваа суми од 20 милиони долари, а тие износи растеа во зависност од тоа дали во нивните договори беше поместена и ставка поврзана со заработка од профитот на кино благајните.

Но, тие времиња се зад нас, а бројот на актерите кои можат да се дрзнат да бараат толку високи хонорари драстично се намали. Иако хонорарите, во извесна мера, отсекогаш беа поврзани со успешноста на филмот во кој се појавуваат големи ѕвезди, последниве неколку години сè почесто слушаме приказни за сметководителите кои почнаа поактивно да ја анализираат исплатливоста на поединечни актерски имиња, а некогашните големи ѕвезди одеднаш станаа неисплатливи.

Ново време, нови цифри

Вистина е дека сјајот на некои славни имиња значително се смали, но дел од вината паѓа и на фактот дека публиката веќе не се „пали“ толку на големи актери колку што се возбудува на големи филмски спектакли. Суперхероит и џедите станаа главен магнет за публиката која повеќе не се интересира толку кој се наоѓа зад костимот на филмскиот лик. Големите отворања не зависат од имињата на плакатот, туку од специјалните ефекти. Специјалните ефекти се новите ѕвезди на филмската индустрија, а тоа го препознаа и големите студија кои најголем дел од буџетите го трошат токму на тоа филмот да изгледа поспектакуларно од конкурентните филмови.

Да нема забуни, уште постојат големи филмски ѕвезди и тие и понатаму заработуваат огромни суми, но денес говориме за имиња како што се Двејн Џонсон, Вин Дизел и Роберт Дауни Јуниор, кои и понатаму можат да инкасираат 20 милиони долари, но тоа не е така лесно како што беше некогаш. Пример, актерите мора да се обврзат да се појават во некоја франшиза, што им оневозможува да се појават во филмови во кои навистина сакаат да играат.

Исто така, нивните хонорари зависат и од многу други фактори поврзани со успехот на кино благајните.

За 15 минути, 10 милиони долари

Тоа од една страна може да биде проблематична околност, но во случајот со Роберт Дауни Јуниор и сосема доходовна ситуација. Пример, за петнаесетина минути појавување во Spider-Man: Homecoming, Дауни заработи 10 милиони долари. Ако го земеме тоа во предвид, не е тешко да се предвиди дека тој износ вртоглаво расте за филмовите во кои тој има главна улога.

Актери како Леонардо ДиКаприо постојано жонглираат помеѓу филмски хитови и филмска уметност, дури и ако тоа значи дека ќе мора да се согласат на далеку помали хонорари. ДиКаприо има цена од 20 милиони долари ако станува збор за кино хитови како што е случајот со Inception, но тој износ двојно се намалува кога станува збор за улогата во новиот филм од Квентин Тарантино, Once Upon A Time In Hollywood, кој тешко дека ќе стане голем холивудски блокбастер.

Малку коцкање

Сè почесто од актерите се бара да се обложуваат на самите себеси. Актерите и режисерите кои работат за Blumhouse Productions, која е специјализирана за нискобуџетни хорор приказни, работата за плата која изнесува неколку илјади долари неделно, но тоа им помага буџетот да го одржат на некое прифатливо ниво. Во таа варијанта, сè зависи од успехот на филмот на кино благајните, а тоа во случајот со Итан Хок се покажа како паметна одлука. Имено, Хок за The Purge од 2013 година, кој во кината заработи 90 милиони долари, зеде дебел бонус од 2 милиони долари.

Меѓутоа, големите студија станаа скржави кога станува збор за делење на заработката, а колку буџетот е поголем, толку се помали шансите дел од колачот да им припадне на актерите. Сепак, некои успеаја да се снајдат.

Вин Дизел првиот дел од Fast and Furious го сними во 2000 година, кога ретко кој можеше да претпостави дека таа франшиза ќе стане вистински хит од осум продолженија и златна кокошка за продуцентите и студијата, со вкупна заработка од неколку милијарди доплари. За снимањето на продолженијата Дизел склопуваше сè подобри договори, а на крајот дојде и до статус на продуцент. Ако се земат во предвид бонусите, Дизел од последното продолжение од оваа франшиза заработи повеќе од 20 милиони долари.

Бурс Далас Хауард и Крис Прат успеаја да се изборат за големи покачувања за продолжението на Jurassic World, кој стана еден од најуспешните филмови на сите времиња. Истото важи и за режисерката Пети Џенкинс, која ја тројно ја зголеми заработката за продолжението од DC хитот Wonder Woman, па нејзиниот хонорар скокна на 9 милиони долари.

Сè може (и мора) да се наплати

И додека некои во ова гледаат проблем, други ќе речат дека ова е очекуван исход и дека холивудските главешини станаа повнимателни после периодот на расипничко трошење пари на еден куп неуспешни филмови. Актерите и режисерите едноставно мора да го оправдаат својот ангажман и иако тоа на крајот значи еден куп еднолични проекти од кои повеќето се филмови со и за суперхерои, не смееме да заборавиме дека ова е огромен бизнис и дека холивудската филмска индустрија не одржува уметнички интегритет, ниту пак сака да направи нешто ново и дотогаш невидено, туку е водена и мотивирана од добриот стар глад за пари.

Актерите се снаоѓаат на сите можни начини, па се обидуваат да наплатат буквално сè. Едни играат на картата на стара слава, па Том Круз и Бред Пит си ги бараат своите бонуси уште пред да заврши снимањето на филмот. И додека Круз има право да ги бара парите однапред, бидејќи имаше „флоп“ од Rock of Ages од 2012 година, барањата на Бред Пит се малку чудни, со оглед на фактот дека Пит повеќе од десет години нема изнесено хит на сопствениот грб.

Двејн Џонсон, пак, успеа да ја направи доходовна и неговата популарност на Инстаграм, па за ангажман на актерот кој има над 104 милиони Инстаграм следбеници ќе мора да се додаде и бонус од еден милион долари. Токму толку бараше за хитот во најава Red Notice кој заради ваквиот дебел бонус дополнително ќе го промовира на својот приватен Инстаграм профил.

Ако ве интересира подетално по име моментално кој колку заработува во кремот на Холивуд, Page Six објави подетална листа.

Daniel Craig – 25 милиони за “Bond 25” (2019)
Dwayne Johnson – 22 милиони заa “Red Notice” (2020)
Vin Diesel – 20 милиони за “The Fate of the Furious” (2017)
Anne Hathaway – 15 милиони за “Barbie” (2020)
Jennifer Lawrence – 15 милиони за “Red Sparrow” (2018)
Seth Rogen – 15 милиони за “Flarsky” (2019
Tom Cruise – 11-13 милиони за “The Mummy” (2017)
Harrison Ford – 10-12 милиони за “Indiana Jones 5” (2020)
Sandra Bullock – 10 милиони за “Minions” (2015)
Leonardo DiCaprio – 10 милиони за “Once Upon a Time In Hollywood” (2019)
Robert Downey Jr. – 10 милиони за “Spider-Man: Homecoming” (2017)
Kevin Hart – 10 милиони за “Jumanji: Welcome to the Jungle” (2017)
Chris Pratt – 10 милиони за “Jurassic World: Fallen Kingdom” (2018)
Emily Blunt – 8-10 милиони за “Jungle Cruise” (2019)
Bryce Dallas Howard – 8 милиони за “Jurassic World: Fallen Kingdom” (2018)
Tom Hardy – 7 милиони за “Venom” (2018)
Ryan Gosling – 6,5 милиони за “First Man” (2018)
Jack Black – 5 милиони за “Jumanji: Welcome to the Jungle” (2017)
Michael B. Jordan – 3-4 милиони за “Creed 2” (2018)
Ethan Hawke – 2 милиони за “The Purge” (2013)