Најбогатите на светот стравуваат од одмазда на сиромасите

најбогатите

Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Целокупното богатство кое го држат „во рака“ најбогатите светски милијардери скокна на 17% во 2016 на сума од 6 трилиони долари. Поради тоа, ултра-богатите „тешкаши“ се загрижени дека зголемената финансиска нееднаквост може да доведе до општествен одмазднички пресврт кој ќе биде насочен кон нив.

Во бројот на милијардери на светско ниво направен во 2017 година, според UBS/PwC Billionaires извештајот, дојде до скок од 10 проценти, со што нивната бројка се зголеми на 1.542. И за прв пат досега, бројот на азиски милијардери го надмина бројот на милијардери кои доаѓаат од САД.

Од „Позлатеното доба“ до денес

Порастот од 2016 година значи дека најбогатите луѓе на светот сега контролираат најголема концентрација на богатство од периодот познат како „Позлатено доба“ (Gilded Age) во САД, каде бизнис семејствата изградија огромни империи во доцниот 19-ти век.

„Позлатеното доба“ на крајот заврши со општествен притисок и возвратен револт против богатите. Претседателот Теодор Рузвелт дојде на власт во 1901 година и ги растури монополите. Раниот 20-ти век, поради тоа, беше познат како „Прогресивното доба“, период на активизам и реформи со делумна намера за подобрување на стандардот на обичниот човек и „приземјување“ на огромните компании од индустријализацијата кои ги предизвикаа тие проблеми.

Според Џозеф Штедлер, водечки автор на извештајот, модерните милијардери се загрижени дека некој сличен феномен може да се случи и денес.

најбогати

„Концентрацијата на богатство е на исто високо ниво како и во 1905. Тоа е нешто кое ги загрижува милијардерите. Проблем е моќта на каматите за поголеми камати – што големите пари ги прави уште поголеми. Поради тоа се поставува прашањето до која мера тоа ќе биде одржливо, и во кој момент општеството ќе се крене интервентно и ќе го возврати ударот“, вели Штедлер за Guardian.

Ултра-богатите и општеството

Но, додека милијардерите можеби стравуваат од црно сценарио кое би дошло од средната и ниската класа, извештајот покажува дека супер-богатите прават многу добрини и позитивни работи за општеството. Светските милијардери вработуваат најмалку 27,7 милиони луѓе ширум цел свет, приближно еднакво на целокупната вработена популација во Велика Британија. Штадлер вели дека 98 насто се враќа во рамките на поширокото општество.

Сектори кои имаат бенефит од светски најбогатите луѓе

Уметноста и спортот, особено во последно време, имаат голем бенефит од дарежливоста на милијардерите, како резултат на потрагата на богатите да го инвестираат нивниот капитал во нешта во кои може да ужива пошироката публика. 72 од топ 200 колекционери на уметнички дела се милијардери. Извештајот вели дека „јавните музеи, исто така, денес добиваат повеќе донации и фондовски прилози од било кога досега“.

Богатите, исто така, своите пари ги вложуваат во спортски клубови. Повеќе од 140 од светските топ спортски клубови се поседувани од само 109 милијардери, од кои 60 доаѓаат од САД. Две третини од NBA и NFL тимовите и половина од MLB тимовите се сопственост на милијардери. Девет од купно 20 клуба во англиската Премиер лига за сопственици имаат милијардери. Меѓу нив се Малком Глејзер кој го поседува Манчестер Јунајтед и шеикот Мансур бин Зајер ал-Нахјан кој го има Манчестер Сити.

Милијардите и староста

Извештајот, исто така, посочува дека повеќе од една третина од милијардерското богатство им припаѓаат на луѓе постари од 70 години. 2,4 трилиони долари од ова богатство ќе биде префрлено на друга генерација во следните 20 години. И додека најголем дел од тоа ќе заврши кај наследниците од старите милијардери, добра дел ќе заврши и во добротворни цели, вели извештајот.

Се одвива дебата за тоа дали глобалната нееднаквост расте. Некои аргументираат дека сиромаштијата и нееднаквоста во приходите е драматично намалена во последните неколку децении. Други, пак, тврдат дека глобалниот економски систем несразмерно повеќе им носи бенефит на богатите. Во 2016 година Оксфам тврдеше дека најбогатиот 1 процент од луѓето од цел свет контролира поголемо богатство од остатокот од светот заедно.

Претходно овој октомври, Меѓународниот Монетарен Фонд изјави дека зголемувањето на даноците на богатите ќе помогне во намалување на нееднаквоста, а нема да има негативно влијание врз економскиот раст.