На Амди Бајрам му ја ампутираа ногата – еве што изјави за „Фокус“ после операцијата


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


На 63-годишниот Амди Бајрам, пратеникот и претседател на Сојузот на Ромите, пред 15 дена му била извршена ампутација на ногата, по што тој се опоравува деновиве во домашни услови.

За ,,Фокус” во телефонски разговор раскажува дека операцијата се случила пред 15 дена, и како секој ден се чувствува подобро.

„Шеќерот си го направи своето, ми беше ампутирана десната нога, до колено. Се чувствувам добро сега, дома сум, моето големо семејство е покрај мене, сите се грижат за мене и ми годи нивното внимание и љубов. Не знаеме што може да ни донесе животот, затоа се вели дека здравјето секогаш треба да ни биде на прво место. Но, јас сум доста амбициозен човек, нема запирање. Чекам да ми заздрави раната, па потоа ќе ставам протеза. Знам дека нема да биде лесно, ќе се учам повторно да чекорам, ама отсекогаш сум бил борец, за мене предавањето не е опција. Ќе застанам на нозе повторно, и со нови сили се враќам на политиката. Останувам претседател на Сојузот на Ромите, моето место е таму, ова е само една епизода од животот“ – вели пратеникот.

Додава дека оптимизамот никогаш не го напуштил, секогаш верувал дека се ќе биде во ред.

„Психички не паднав во ниту еден момент. Добро се држам, позитивноста секогаш ми била силна страна на карактерот. Има многу полоши нешта во животот, така гледам на работите и максимално сум посветен на брзото заздравување и враќање на стариот начин на живот. Медицината оди напред, има современи протези со кои ќе немам проблем во мобилноста. Ведриот дух не ме напушта и се заблагодарувам на сите кои ми посакаа добро здравје во овие моменти“ – ни изјави Бајрам.