Малишева: Ако беше за пари, немаше да одиме во Диво Насеље, ќе ограбевме банка – наседнавме на национализмот на Али Ахмети


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Преку видео снимено во затворската келија во Идризово, Мухамед Красниќи, познат како командант Малишева, изјави дека кумановската група не зела пари за терористичкиот акт во Диво Насеље.

„Нема два милиона евра како што се зборува, туку наседнавме на националистичка реторика на Али Ахмети. Тоа беше стапица на Ахмети, Тачи, Груевски“, вели Красниќи, кој за албанската емисија „Топ стори” од својата ќелија во Идризово раскажува за борбите со македонската полиција во кумановската населба Диво Насеље на 9 мај 2015 година.

„Али Ахмети беше на власт во тоа време. Ако ги земете нивните изјави, Тачи, Ахмети, Груевски, нивните потези, јасно е дека тие го организираа насилството за да не стават во стапица, го злоупотребија нашиот патриотизам“, вели поранешниот член на ОВК.

Ние сме искусна група, вели Малишева, и ако ни беше за пари тоа можевме да го сториме на многу полесен начин.

„Нашата група од 40-ина членови можеше да ограби било која банка во регионот и да земеме многу повеќе пари на многу посигурен начин. Нема такви докази. И на судењата никој никогаш не спомена пари. Ние сме страдалници. Знам од каде потекнува предавството и кој му служеше на предавството. Ќе дојде време кога ќе ги откриеме имињата“, вели Красниќи во документарецот на албанската телевизиска станица.

Лидерот на „Кумановската група“ додава дека Али Ахмети му дал список на Хашим Тачи од 50 имиња за кои Косово не требало да интервенира и да не ги спречува да ја преминат македонско-косовската граница.

Красниќи додава дека македонската полиција прва почнала да пука неконтролирано и без предупредување. Тој потврди дека за време на борбите во Диво Насеље во Куманово стапиле во контакт со Али Ахмети и дека тој рекол дека нема шанси да им отвори коридор за бегство. Красниќи вели дека телефонски зборувал со Артан Груби од ДУИ, но имал чувство дека оваа партија посакувала сите членови на групата да бидат убиени во престрелките.

Осудените за овој случај се распоредени во затворите во Шуто Оризари и Идризово, а во моментов се надеваат на ревидирање на одлуката на затворските кази од страна на Врховен суд.