Македонските граѓани повторно се гушат: Загадувањето на високо ниво!


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Повторно се врати маглата во главниот град, а жителите се гушат. Од загадувањето не е погодено само Скопје, туку и неколку други поголеми градови во земјава.

Скопјани веќе втор ден дишат загаден воздух. Се врати маглата во главниот град, а со неа и отровните ПМ-10 честички. Измешани со грипот и вирозите може да имаат тешки последици по човечкото здравје, велат лекарите. На Институтот за белодробни заболувања „Козле“ хоспитализирани се 90 деца, а докторите за празниците имале преку стотина пациенти. Покрај загадениот воздух, голем дел од пациентите имаат вирус и бактерии. Директорот Андоновски порачува родителите да не ги лекуваат на своја рака.

„Болницата располага со своите капацитети, гледаме веднаш да дојде до подобрување на општата состојба, па пациентите да ги испратиме барем на дневна болница. Родителите треба да знаат дека патологијата што се јавува кај нас е поради хемиското влијание на белодробието, коешто е предизвикано не само од загадувањето, туку и од самиот вирус или одредена бактерија“, смета д-р Андоновски.

Вчера вечерта најзагадено беше во скопско Лисиче. Таму мерните станици измерија над 600 микрограми ПМ-10 честички на метар кубен. Утрово највисока загаденост беше регистрирана кај Ректоратот. Граѓаните велат дека тешко дишат, се заштитуваат со маски и витамини.

Од Министерството за животна средина велат- постојано се следи состојбата. Доколку загадувањето продолжи и во наредните два дена ќе се информираат општините и институциите и веднаш ќе се активираат итните мерките и препораките на Владата за намалување аерозагадувањето.

„Доколку два дена плус концентрациите на ПМ-10 честичките покажуваат зголемување, во тој случај согласно уредбата за прогласување алармантни ситуации, Министерството за животна средина ќе преземе мерки во тие градови каде што има зголемување на концентрацијата“, вели Беса Татеши од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Мерките за заштита од загадувањето ги прогласува Владата и Градот Скопје кога во два последователни дена ќе се измерат концентрации над 200 микрограми на најмалку две мерни станици.

Од УХМР за наредните неколку дена најавуваат засилен северен ветер кој најверојатно ќе го реши проблемот со аерозагадувањето во главниот град.

Извор: МРТ