Македонската историска комисија апелира: Бугарија сака да го наметне својот поглед на минатото во друга држава


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Нема волја кај бугарската страна да се дојде до решение во кое историското образование не би било основа за политичка инструментализација. Бугарскиот тим гледа можност да го наметне во друга држава својот поглед на минатото и образовниот систем, брифираат од македонската страна во Комисијата за историски и образовни прашања помеѓу С.Македонија и Бугарија, по завршување на дводневниот состанок, пренесува Слободна Европа.

Комисијата можеби ги имаше најтешките разговори до сега, велат од македонскиот тим за МИА. Од таму велат дека на дискусијата за подобрување на учебниците по историја, бугарската страна не ги прифатила предлозите на македонскиот тим.

„За жал, очигледно е отсуството на волја кај членовите на Комисијата од Република Бугарија да се дојде до решение преку кое историското образование не би било основа за политичка инструментализација често затскривана позади фразата „историска вистина“. Исто така, очигледно е дека бугарската страна го гледа овој процес како можност да го наметнат својот поглед за минатото во друга држава и образовен систем“, брифираат од македонската страна од Комисијата.

Македонската страната, како што велат, дала предлози засновани на современите разбирања за историското образование подржани од Советот на Европа и УНЕСКО во кој се уважуваат различните погледи и толкувања за минатото и кој се покажале како применливи во надминување на спорови кои произлегуваат од различното толкување на минатото. Од бугарска страна тие предлози беа одбиени како неприфатливи и применливи.

Бугарскиот копретседавач на заедничката Комисија, Ангел Димитров, изјави дека по овој состанок почнал да се сомнева дека станува збор за Мешовита комисија за историски и образовни прашања, јави БГНЕС. Досега, како што вели, бил убеден во тоа и покрај сериозните проблеми и темелните разлики, меѓу двете страни, ни по 14-оти состанок веќе не е убеден во тоа.

„Вчера, нашите колеги категорично одбија да разговараат за одредена историска тема. Нешто што не е само типично, туку е и неизбежно за професионалните историчари “, рече Димитров. Тој рече дека е тешко да се постигне договор за Гоце Делчев.

Димитров соопшти дека Комисијата нема да има нов состанок во текот на летото. А следен состанок е планиран за во октомври.

„Се надеваме дека летните месеци ќе дадат можност за преиспитување“, рече Димитров.

Бугарската страна иако на третата средба прифатила, сега одбила трипартитно чествување на Григор Прличев, брифира македонскиот тим. Бугарите одбиле Прличев да биде чествуван од страна на Македонија, Бугарија и Грција.