Курц и официјално дојде на власт – евидентен голем раздор во австриското општество


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Себастијан Курц и официјално од денес е новиот канцелар на Австрија, откако положи заклетва за стапување на оваа должност. Доаѓањето на власт на неговата десно-десничарска влада беше проследено со низа протести како и евидентен раздор во рамки на австриското општество, пренесува Дојче Веле.

31-годишниот Себастијан Курц стана најмладиот канцелар во историјата на Австрија. Досегашниот министер за надворешни работи положи свечена заклетва пред сојузниот претседател Александер ван дер Белен. Курц со јасна десничарска политика на својата Австриска народна партија (ОВП) дојде до изборна победа и до коалиција со десничарските популисти од Слободарската партија на Австрија (ФПО).

Оваа десно-десничарска коалиција, како што ја нарекуваат австриската левица и либералните медиуми почна да го поларизира општеството уште и пред да започне со работа. Протести во земјата имаше како во изминатите денови така и денеска, во прв ред во Виена, каде се пријавени девет протестни маршеви. Околу 6.000 илјади луѓе гласно протестираа пред седиштето на сојузниот претседател, каде што се одвиваше инаугурацијата на новата влада. Демонстрантите од левичарската сцена извикуваа пароли „Нацисти надвор“ и „Не сакаме наци-свињи“.

За разлика од Германија, каде речиси и 3 месеци по изборите сѐ уште е неизвесно како ќе се формира влада, во Австрија сето се одвиваше многу брзо: само 7 дена по изборите, на 15 октомври започнаа коалициските преговори, а веќе на почетокот на месецов имаше вознемирени кога се слушна дека коалицијата ќе дозволи и работно време од 12 часа на ден – мерка која им се допадна на работодавачите, но која не им се допаѓа на старите избирачи на ФПО.

Уште повеќе вознемирени имаше поради други причини, кога преговарачите пред седум дена најавија повлекување на забраната за пушење во угостителските објекти која ја воведе претходната владина коалиција на конзервативците и социјалдемократите. Австриското Друштво за борба против ракот веќе собра 350.000 потписи на петиција на интернет, каде се бара забраната да остане. Другата петиција е посериозна бидејќи се бара австрискиот претседател Ван Дер Белен да ги спречи популистите да ги преземат министерствата за внатрешни работи и за одбрана.

Многу партии и организации од левицата ги повикаа граѓаните на протести денеска, но многу загрижени граѓани сметаат дека тоа нема да бидат толку големи протести како во 2000 година, кога полицијата мораше да употреби водени топови, а владата мораше да се крие во подземниот тунел кој ги спојува канцелариите на владата и на претседателот. Денеска е работен ден и младите, традиционалната публика на вакви протести против екстеремната десница, се на училиште или на факултет.