Кремљ објави каков предлог ќе му достави Путин на Бајден на средбата

Претседателот на Русија, Владимир Путин, на состанокот со американскиот претседател Џо Бајден планира да предложи взаемни безбедносни гаранции, изјави портпаролот на Кремљ, нагласувајќи дека главна тема на разговор ќе биде безбедноста на Русија и НАТО.

Путин неодамна го повика НАТО да престане да се шири кон исток, барајќи од западната алијанса писмени гаранции. Русија, пак, е подготвена да понуди свои гаранции на aлијансата, изјави шефот на руската држава.

„Безбедносните гаранции, се разбира, не можат да бидат еднострани“, изјави Песков за новинската агенција Интерфакс. Според Кремљ, видео средбата меѓу американскиот и рускиот претседател ќе започне околу 17 часот по средноевропско време и се очекува да трае до вечерта.

Во центар на разговорите ќе бидат тензиите околу Украина. Соединетите Американски Држави ја обвинуваат Русија дека трупа војници на границата со Украина, што предизвикува сомнеж кај западната алијанса дека планира инвазија.

Русија ги негира тврдењата дека планира инвазија на Украина и тврди дека не претставува закана за своите соседи. Истовремено, истакна дека има право да распоредува вооружени сили на својата територија каде и да посака.

Началниците на главните стожери на 30 земји-членки на НАТО разговараа за движењата на руската војска на украинската граница на вонреден виртуелен состанок во понеделникот вечерта.

НАТО не објави детали од средбата, а германската новинска агенција дпа дознава дека меѓу другото се разговарало и за информациите од САД дека Русија се подготвува за можен напад на Украина.

Западната алијанса во официјалното соопштение рече дека „началниците за одбрана на земјите сојузнички се собраа на виртуелен состанок на Воениот комитет за да разговараат за безбедносните предизвици со кои се соочува aлијансата, во сите оперативни домени и во сите географски региони“.

„Шефовите на одбраната разменија информации за заеднички да ги толкуваат и зајакнат механизмите за одвраќање и одбрана на aлијансата. Целта на состанокот беше да се промовира транспарентноста меѓу сојузниците и да се координираат активностите на државно ниво и на ниво на aлијансата“, се додава во соопштението.

На состанокот во вторник, Бајден и Путин треба да разговараат и за тековните преговори за нуклеарното разоружување на САД и Русија, како и за сајбер безбедноста, иранската нуклеарна програма и други меѓународни конфликти, според дпа.