28 години од смртта на македонскиот интелектуален великан Блаже Конески


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Блаже Конески беше роден на 19 декември 1921, а почина на 7 декември 1993. Училиштата и институциите кои го носат неговото име, во негова чест, патроните празници најчесто ги празнуваат на 19 декември, но не забораваат да го одбележат и овој значаен ден.

Можеби и не постои позначајна личност за македонскиот литературен јазик, книжевноста, граматиката. Тој е и поет и писател, професор, академик, филолог, книжевник, но и еден од кодификаторите на современиот македонски јазик, како и прв претседател на МАНУ.

Конески активно работел стандардизирањето на македонскиот јазик и ја изработува граматиката на современиот македонски јазик. Го составил и правописот на македонскиот литературен јазик, а исто така бил уредник на „Речникот на македонскиот јазик“.

Конески е основач на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет. А во периодот од 1958 до 1963 бил ректор на универзитетот.

Во 1967 станува член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и е нејзин прв претседател (до 1975). Исто така бил член на Македонскиот ПЕН центар и еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија во 1947 година и негов прв претседател.

Работел како уредник на литературните списанија „Нов ден“ и „Македонски јазик“, а бил и редовен соработник на списанието „Современост“.

Оваа година, по повод 100 години од неговото раѓање, беше одбележана со низа манифестации и награди во негова чест. Блаже Конески е име кое кај секој Македонец предизвикува стравопочит, бидејќи за многу од она што го имаме денес, можеме да му заблагодариме токму него и на неговата работа и творештво.

Марковиот Манастир

За гревот, за седумдесетте деца што умреа кога го ѕидаше калето, Марко направи седумдесет цркви.

Народна легенда

Направив манастир на скришно место,
Да стои долго самотен,
Да кажува некогаш за мене.
Рушители, нема да најдете во него злато и сребро,
А само студена полутемнина
Како во таговна душа.

Кога го престапив првпат прагот од папертата,
Плочите болно екнаа под моите нозе
Што дури запрев —
И темна тишина потоа до последна жилка ме полази
Како морници што лазат.
Двајца светци, од двете страни на црковната врата,
Со исплашени погледи,
Со дланки испружени пред себе,
Ме предваруваа возбудено да не одам понатаму.

Но јас жедно стапив под сводовите на кубето
Како да се запознавам веднаш самиот себе.
Погледав наоколу
И ѕидовите се раздвижија —
Нејасни прилики, притаени во полумракот,
Како што одам ме пречекуваат,
Ми пристапуваат молчаливо и грозно:
Лица со израз на безумно страдање,
Мрачни воини со испрекрстени копја и мечови,
Тажачки крај мртовечки одар,
Тела прободени со стрели на издишување,
Згрчени во најврховната мака,
Деца загубени во врволицата
Со врбови гранчиња во раката.

Одам, несвесно, наоколу
А целото тоа мноштво ме обиколува,
Ме испреплетува во кошмарен јазол,
Молчаливо ме следи и чека нешто од мене.

Зборнете! — реков, —
Но мојот глас ја урна тишината меѓу сводовите
И ме остави сам пред привидот на мојата свест,
Зашто тие бешумно се повлекоа
И пак се притаија по ѕидовите.

Запрев пред олтарот како да ќе се помолам Богу,
Уште несмирен.
И тогаш дочув јасно женско липање од сводот:
Тоа Рахила ги кренала очајно рацете,
Крши прсти
И плаче над мртвите младенци,
Тажи во вселената.

Јас излегов избезумен од црквата
И зачекорив надолу.
И ми се причини како моите удови да стануваат столбови во одот,
Како сум да засводен со кубе,
Како да ја носам во себе студената празнина на манастирот,
Но за сето време знам —
Темните прилики молчат во мојот мрак,
Нема бегство, нема прошка и нема оставање спомен.

Јас викам — запалете кандило! —
Но моето срце е изгаснато огниште, пепел по тланикот,
Одам и чувствувам:
Го носам манастирот в гроб.