Коѕијас во официјална посета на Македонија


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Акцентот на средбите кои шефот на грчката дипломатија ќе ги одржи со колегата Никола Димитров и државниот врв ќе биде на мерките за градење доверба. Спорот околу името засега не е во преден план.

Возвратната посета на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас нема да донесе никакви промени или поместувања во спорот за името меѓу Македонија и Грција. И двете страни потврдија дека за време на посетата ќе се разговара главно околу мерките за градење на довербата меѓу двете држави додека спорот ќе биде во втор план.

Грчките медиуми пишуваат дека официјална Атина на оваа политичка средба ќе се обиде да се движи на средна линија и нема да дозволи „македонските власти да ја монополизираат нејзината конструктивност,“ но од друга страна„ќе покаже дека се уште не се создале услови за брзо решавање на прашањето за името“.

Коѕијас ќе има набиена агенда во Скопје, бидејќи покрај средбата со колегата Димитров, ќе се сретне и разговара со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев и претставници на политичките партии.

Од МНР соопштија дека нивна работна група вчера била во Атина на консултации околу мерките за градење на доверба и додаваат дека тие ќе бидат фокусот при средбата со грчкиот шеф на дипломатијата.

„Се очекува акцентот во разговорите да биде ставен врз имплементацијата на Мерките за градење доверба и заклучоците од нивното шесто продолжение, што беше одржано на 29 август, во Атина“, стои во соопштението на МНР.

Станува се поизвесно дека посериозни преговори околу спорот за името ќе има некаде по локалните избори кои ќе се одржат кон средината на октомври.

Американскиот амбасадор Џес Бејли, смета дека е разбирлива фрустрираноста од долгото чекање по ова прашање но додаде дека сега очекува сериозен напредок.

„Никој нема илузии дека ова ќе се реши преку ноќ. Но како што не потсети потпретседателот Пенс во Подгорица, сега е навистина историски момент за напредок во регионот. Ве поттикнуваме да го искористите овој момент. САД заедно со други ваши пријатели може да ви помогне вам и на Грција во напорите за наоѓање решение. Успехот ќе ја зајакне регионалната стабилност“, рече амбасадорот Бејли.

За професорот Денко Малевски возвратната посета на Коѕијас нема да биде чекор кон решавање на проблемот.

„ Логиката на македонската страна е да се консолидира. Локалните избори се блиску и не сакаат да отворат ваква сензитивна тема, што секако, е за разбирање. Не треба да се брза но мора да се внимава“, вели Малески.

За него е клучно властите да не го одбегнуваат проблемот и да градат долгорочна политика и стратегија по ова прашање.

„ Мислам дека посетата на Атина беше запознавање на новата власт со Грција. Продолжувањето на средбите е за поздравување но нема да биде доволно на долгорочен план“, заклучува Малески.

Мерките за градење на доверба, кои ќе бидат во фокусот на оваа средба беа договорени во 2015 година а станува збор за листа од 11 мерки во четири поглавја, политички работи и ЕУ, образование и култура, трговија и економска соработка и поврзаност.

(Гласот на Америка)