Ќотекот врз Миле и Спиро ја наелектризира македонската политичка сцена


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Физичкиот напад кој беше извршен врз бившите министри за транспорт и врски и образование од владата на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, дополнително предизвика нови турбуленции на македонската политичка ситуација. Од нивната матична партија се револтирани зошто Јанакиески и Ристовски се тепани во притворското одделение на затворот „Шутка“ од страна на двајца осудени за терористичките напади во кумановско Диво Насеље, пренесува Фактор.

Сосема разбирливо е да се поврзе овој настан со азилот на Груевски во Унгарија кој сега ќе има нови аргументи пред властите на Орбан дека доколку биде екстрадиран нема да биде безбеден во затвор. Да потсетиме дека по новите наоди на јавното обвинителство за „Крвавиот четврток“ Министерството за правда повторно ќе бара враќање на бегалецот и екс премиер за да одговора пред судот и за наводно организирање и нарачување на упадот во Собранието на 27 април.

Јавноста повторно е сведок на насилство во високата политика кое создава чувство на несигурност, на нови поделби и продлабочување на омразата базирана на партиска, но и на етничка основа. Ваков инцидент е лош почеток на претстојната изборна кампања во која реториката на спротиставеност и меѓусебни обвинувања само ќе се зголемува. Исто така последици ќе претрпат и институциите на власта, особено во правосудството каде довербата на граѓаните е се помала.

Затворските власти вклучувајќи го директорот Ѓоко Котевски упатија силна осуда за инцидентот и порачаа дека ќе биде спроведена целосна истрага за да се утврди одговорност.

Според службите на затворот најпрво Спиро Ристоски започнал вербална расправа со еден од осомничените за нападот, а потоа дека и Јанакиески се расправал со другиот напаѓач. Екс министерот за транспорт побарал дополнителна медицинска помош, а по прегледот во градската болница „8 септември“ е вратен во притвор.

„Истражниот затвор ќе ги преземе сите мерки и активности извршителите на физичко насилство да бидат соодветно санкционирани и во иднина, како и денес, ќе продолжи да постапува професионално и според сите мерки за безбедност предвидени во вакви ситуации. Нападнатите лица ќе бидат понатаму згрижени и заштитени без опасност по нив, согласно процедурите на установата“ велат од затворот Скопје.

Христијан Мицкоски со членови на ВМРО-ДПМНЕ вчера се обиде и да влезе во посета на Јанакиески но, не му беше дозволено од страна на болницата. Потоа порача дека власта не успеала да ги заштити притворениците и побара оставки од Заев, Спасовски и Тренеска Дескоска.

За владејачката СДСМ пак, сценариото во притворското одделение е дело на опозицијата која сака нови тензии и кризи.