Комплетно завршена изградбата на гасоводот Северен тек 2 кој им е трн во око на Американците


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Русија комплетно го заврши поставувањето гасоводот Северен тек 2 кон Германија, наспроти отпорот од САД. Украина сега стравува за својата улога на транзитна земја за гас.

Контроверзниот гасовод Северен тек 2 е завршен, соопшти рускиот концерн за гас Газпром. Изградбата на Северен тек 2 е завршена изутринава, изјави шефот на Газпром, Алексеј Милер. Последната цевка од гасоводот била поставена на 6 септември, а потоа биле поврзувани деловите од гасоводот.

Изградбата на гасоводот доцни над година и половина. За да се употребува, неопходна е уште сертификација од страна на германските власти. Се очекува Газпром низ новиот гасовод да пушти гас за Германија во октомври.

Изградбата на гасоводот, кој инаку требаше да биде готов на крајот на 2019 година, се одолговлекуваше пред сѐ поради отпорот од страна на САД, кои се заканија и воведоа санкции. Американската влада критикува дека Европа на овој начин станува зависна од Русија во делот на снабдување со енергија. Според еден германско-американски договор, против Русија ќе бидат воведени санкции доколку таа го користи гасоводот како геополитичко „оружје“.

Северен тек 2 почна да се гради во 2018 година. Низ гасоводот треба да минуваат 55 милијарди кубни метри гас годишно – од Русија преку Балтичко Море до Германија.

Според најавите, со гас од овој гасовод би требало да се снабдуваат околу 26 милиони домаќинства. Трошоците за изградба на гасоводот долг 1230 километри изнесуваат над 10 милијарди евра. Половина од стредствата за финансирање ги обезбеди Газпром, а другата половина пет европски компании – ОМВ, Винтершал, Енџи, Унипер и Шел.

Русија по Северен тек 1 го изгради и Северен тек 2 за да стане понезависна од долго време најважната транзитна земја за гас во насока на Европа – Украина. Двете земји се во кавга. Освен тоа, Москва критикува дека Киев не прави ништо за да ја санира пропаднатата мрежа за гас во земјата.

Финансиски слабата Украина, пак, е итно упатена на приходите од милијарди евра кои ги носи транзитирањето гас. Таа стравува од загуби и се надева на германска поддршка за и во иднина да игра улога на транзитна земја. Актуелниот договор за транзит на гас во насока на Европа истекува во 2024 година. Украина сака да го продолжи во посредство на Германија.

Рускиот претседател Владимир Путрин, пак, постојано повторува дека идниот транзит на гас преку Украина ќе зависи од побарувачката на европскиот енергетски пазар. Тој потенцира дека Русија не е надлежна за украинскиот буџет.