Home Актуелно Од ДЗС апелираат: Поради техничко усогласување пописот тече со намален интензитет

Од ДЗС апелираат: Поради техничко усогласување пописот тече со намален интензитет

Иако со намален интензитет, пописните активности не се прекинати и истите течат на терен, соопштија денеска од Државниот завод за статистика.

Објаснувањето е дека се прави техничкото усогласување кое треба да се заврши во најкус можен рок и пописот да продолжи со истиот интензитет како првите денови.

Од ДЗС не кажуваат што значи таа намалена динамика, ниту за какви технички согласувања се работи.

Само додаваат дека исто така се работи и на надминување на помалите технички предизвици кои повремено се појавуваа претходните денови.

За ова објаснуваат дека се „технички интервенции што се вршат во софтверот за пописната апликација“ за да се отстранат пречките кои доведуваа до забавување на пописната апликација.

Исто така, од ДЗС велат дека во последниве денови веб-страниците на Државниот завод за статистика се под постојани напади и затоа во одредени периоди не се достапни поради заштитите што се користат за спречување на овие напади и уверуваат дека податоците се безбедни.

Денеска е шестиот ден од пописот кој започна во неделата на 5 септември и ќе трае до 30 овој месец. На вториот ден се појавија технички проблеми, кои доведоа до недоразбирање на релација ДЗС – „Македонски телеком“, откако директорот Апостол Симовски рече дека проблемот е во лошата интернет-конекција.

Но, по реакцијата од „Телеком“, ДЗС се извини за несреќната изјава. Следниот ден Симовски рече дека апликацијата се апдејтира и системот се рестартира за да нема вакви проблеми.

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Актуелно
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…