Кинезите веќе не се најбројна нација на планетава – еве која земја ја надмина Кина со жители


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Според проценките на Обединетите нации, Кинезите веќе не се најбројна нација на планетава, туку Индија е земјата со најголем број жители на светот – 1,425 милијарди. Светската организација за таа проценка ги користи пописите на населението, како и податоците за стапката на смртност и стапката на природен прираст. За првпат од 1950 година, како што се проценува, Кина не е на првото место по бројот на жители, јавува Дојче веле.

Таа вест, меѓутоа, не се толкува секаде како знак за растот на значењето на Индија како светска сила. Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Венг Венбин изјави, на пример, дека Индија сега има повеќе луѓе, но дека Кина сè уште има „повеќе талент“.

Во Германија неделникот Шпигл во врска со тоа објави карикатура на која се гледа пренатрупан, застарен „индиски“ воз како претекнува „кинески“ модерен воз кој вози со исклучително голема брзина.

Политичарите и коментаторите во Индија ја осудија карикатурата како расистичка. Сарвеш Каушал, поранешен министер во индиската сојузна држава Пенџаб, на Твитер објави: „Зошто развиениот свет не пропушта ниедна прилика да ја удри Индија под појасот и да го понижи нејзиното население: Тие имаат причини за загриженост: уживаат во славното минато, а гледаат мрачна иднина“.

Но, какво значење, освен симболичното, има фактот дека Индија сега е замја со најголем број жители?

Срикант Кондапали, професор по кинески студии на универзитетот Џавахарлал Нехру во Њу Делхи, вели дека некои реакции на таквиот развој се расистички и оптоварени со предрасуди кон Индија.

„Мислиме дека нашето население претставува предност, а не проблем“, вели тој за Дојче веле. Притоа укажува дека просечната старост во Индија е 27 години, што е под глобалниот просек. Тоа, според него, за земјата создава „демографска дивиденда“.

„Битните индикатори се подобруваат, стапката на писменост расте, како и здравствената нега. Во моментов сме петта најголема економија во светот, а во 2030 година сакаме да бидеме на третото место“.

Индија има една од најбрзо растечките економии во светот. За 2023 година Светската банка очекува Индија да забележи раст од околу 6,9 отсто. Меѓународниот монетарен фонд за следната година очекува раст на индиската економија од 6,1 отсто.

Просечната старост на населението често се смета како позитивен фактор, но Индија се бори и со голема невработеност на младите. Во декември минатата година невработеноста во индиските градови изнесувала 10,1 отсто, што е сè поголем проблем на кој придонесло и отпуштањето на луѓето поради пандемијата. За младите, добро образовани луѓе недостигаат пред сè подобро платени, квалификувани работни места. Во индустриската преработка стапката на невработеност е делумно дури 20 отсто.

Невработеноста и инфлацијата се во моментов најголемите проблеми во Индија пред следните избори кои треба да се одржат во мај 2024 година. За Кондапали е јасно на што би требало да се фокусира владината политика, ако сака Индија во следните години да профитира од растот на населението. „Неопходно е подобрување на инфраструктурата и квалификациите на луѓето, мора да се создаваат работни места и да се подобрува работната средина, како и другите основни индикатори на персоналниот развој“, вели тој.

Од друга страна, за Кина фактот дека Индија ја помина по бројот на жители претставува повеќе од симболика. Иако кинеската економија е четири пати поголема од индиската, Пекинг сепак е почувствителен кога станува збор за намалувањето и стареењето на населението. Бројот на Кинези постари од 65 години до 2050 година повеќе од двојно ќе се зголеми, што силно ќе ги оптовари младите луѓе.

Владејачката Комунистичка партија на Кина презема различни мерки за да го сопре падот на природниот прираст на населението. Реакциите во кинеските државни медиуми на веста за Индија укажуваат на одредена фрустрација имајќи ја предвид ситуацијата со населението.

„САД ги продолжуваат настојувањата да го сопрат развојот на Кина и нов повод најдоа во извештајот на Обединетите нации“, се наведува во еден коментар на државната кинеска телевизија ЦЦТВ. „Притоа недостига основно разбирање на законите за развој на населението“.

Кондапали признава дека Кина и понатаму е во предност пред Индија во поглед на клучните индикатори како писменоста и здравствената нега. Но, разликата повеќе не е толку голема како што тоа го претставува Пекинг.

Сепак, тој истакнува дека растот на населението не значи дека Индија станува суперсила. „Суперсила се станува врз основа на бруто домашниот производ, врз основа на технологијата, воената сила или „меката моќ“. Ниедна земја нема да стане суперсила врз основа на бројот на жители“, вели Кондапали.

Меѓу Делхи и Пекинг тој забележува битна идеолошка разлика. „Индија нема амбиции да стане суперсила. Од Си Џинпинг би слушнале дека Кина сака да биде во центарот на вниманието, но ниеден кинески политичар никогаш не кажал дека Индија сака да стане суперсила“.

Имајќи предвид дека повеќе не е земјата со најголем број жители, Кина изгуби еден од аргументите со кои го објаснуваше својот статус на суперсила. А кога Индија ќе се навикне на својот нов статус, и нејзините амбиции би можеле да се сменат.