Јелен алармира: САД наскоро би можеле да останат без пари што би можело да предизвика глобална криза


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Министерка за финансии на Соединетите Американски Држави, Џенет Јелен, предупреди дека земјата може да биде во опасност да остане без пари за отплата на долгот до 1 јуни доколку Конгресот не го зголеми лимитот за задолжување и дека тоа може да предизвика глобална финансиска криза.

Во писмото до лидерите на двата дома на Конгресот, Претставничкиот дом и Сенатот, Јелен ги повика што е можно поскоро да го зголемат лимитот за задолжување на САД, кој сега е 31,4 илјади милијарди долари.

Ако не го сторат тоа, федералната влада нема да биде во можност да позајмува пари, а Јелен вели дека е невозможно да се знае точниот датум кога владата ќе остане без пари.

„Она што го научивме од ваквите ситуации во минатото е дека чекањето до последен момент може сериозно да го наруши и бизнисот и довербата на потрошувачите, да ги поскапи кредитите за граѓаните и негативно да влијае на кредитниот рејтинг на САД“, рече Јелен.

Во јануари, Јелен им напиша на конгресните водачи и наведе дека нејзиниот секретеријат веќе почнал да презема чекори за да избегне неплаќање на федералниот долг.

Министерството за финансии вчера објави дека планира да позајми повеќе пари од април до јуни оваа година, иако федералната влада е блиску до достигнување на горната граница за задолжување.

САД планираат да позајмат 726 милијарди долари овој квартал, што е 449 милијарди долари повеќе од проектираните во јануари.

Претставниците на Министерството за финансии предупредуваат дека пробивањето на границата на долгот е голема опасност за финансиската позиција на САД.