Кинематограферот Бергер, режисерот Кончаловски и актерот Северџан лауреати на 42. издание на „Браќа Манаки“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Австрискиот кинематографер Кристијан Бергер и рускиот режисер Андреј Кончаловски се годинашни лауреати на 42. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола (16-21 септември). Мотото годинава е „И покрај сѐ“, рече денеска директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски.

Бергер, кинематографер на Михаел Ханеке, еден од најголемите австриски и светски режисери, ќе ја добие Златната камера за животно дело и ќе дојде во Битола, додека Кончаловски, еден од најголемите руски режисери, поради возраста одлучил да не патува во овие услови. Актерот Бајрам Северџан, најпознат по филмовите „Црна мачка, бел мачор“ на Емир Куструрица, „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и „До балчак“ на Столе Попов, е добитник на Големата ѕвезда на македонскиот филм, награда која ја доделува Друштвото на филмски професионалци (ДФРМ).

Буџетот на Фестивалот е намален за 30 отсто. Во официјалната селекција, зад која стои Слаѓан Пенев, ќе има 10 долгометражни филмови, а во кратката, по избор на режисерот Даријан Пејовски, исто така 10.

Во официјалната програма ќе игра и „Сестри“, дебитантскиот филм на режисерката Дина Дума, кој на 28 август ја доби Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот, на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, најголемиот фестивал во Чешка.

Во кратката програма македонска премиера ќе има и „Северен пол“ на Марија Апчевска, кој во јули играше во конкуренцијата за Златна палма во Кан.

„Како што се трендовите на светските фестивали, одлучивме да ја укинеме документарната програма. Доколку има квалитетни филмски дела од документарната програма, тие влегуваат или во кратката или во долгата програма. Но, ќе имаме ревија на македонски документарни филмови насловена ‘Бисери на македонската документаристика – од Оскар до Оскар’“, рече Дамевски.

Фото: К. Попов