Казнев е нов премиер на Франција


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Досегашниот француски министер за внатрешни работи, Бернар Казнев, е именуван за нов премиер на Франција, по оставката на Мануел Валс, јавува АФП.

Тој (Казнев) е силна личност, со искуство во водењето на државните работи, било соопштено денес од Елисејската палата, пренесува Ројтерс.

Казнев ќе ја врши должноста до парламентарните избори во јуни идната година. Претседателските избори се предвидени во април 2017 година.

За министер за внатрешни работи именуван е во 2014 година и во текот на мандатот се соочи со последиците од неколку терористички напади што ја погодија Франција.

Досегашниот премиер, Мануел Валс, поднесе оставка во понеделникот заради својата кандидатура за претседател на Франција.

Кандидат сум за претседател на републиката, рече Валс во своето обраќање во Еври, град јужно од Париз, чиј градоначалник беше во периодот од 2001 до 2012 година, пред стотина негови поддржувачи и граѓани, јавуваат француските медиуми.

Тоа го соопштувам овде во Еври, својот град, градот на моето семејство, моите деца, моето срце… каде што секогаш се зборува директно и искрено. Овој град е животна школа, додаде Валс, пренесува Фигаро.
Социјалистите организираат внатрепартиски избори за претседателски кандидат во јануари.

Претседателот на социјалистите, Франсоа Оланд, неодамна изјави дека нема да бара втор мандат.

Владеачката левица неодамна ја започна предизборната партиска кампања за претседателските избори. Поранешниот министер за економија, Арно Монтбур, прв ја поднесе својата кандидатура за партиските избори што се предвидени да се одржат меѓу 22 и 29 јануари. Останатите кандидати имаат рок до 15 декември да ги достават кандидатурите.

Се претпоставува дека главни фаворити за претседателските избори ќе бидат кандидатите на десницата и екстремната десница – Франсоа Фијон и Марин ле Пен.

За изборите веќе се кадидираа и претставникот на радикалната левица, Жан-Лик Меланшон, и поранешниот министер за економија, Емануел Макрон, кој во август поднесе оставка и формираше своја политичка организација, центристичкото „Движење“ (En Marche).

Во текот на викендот, кандидатура најави и францускиот писател и синеаст, Александар Жарден, кој ќе биде кандидат на граѓанското движење.