Кацарска го предупреди обвинетиот Поповски: Вашата сопруга нека не ургира преку мои пријатели

Судијката задолжена за водење на судскиот процес за случајот „Триста“ под ингеренции на СЈО, Добрила Кацарска, пред почетокот на денешното судско рочиште за незаконска набавка на 300 возила за МВР, јавно усно го опомена осудениот екс помошник министер на полицијата Ѓоко Поповски неговата сопруга да престане да ургира за него преку нејзини пријатели и да не ги малтретира нив.

„Да и пренесете на вашата сопруга да не ги малтретира моите пријатели, зошто кај мене не може никој да ургира за пресуда“, го опомена Кацарска, а Поповски само климна со главата.

Пресудата од 9 години која беше донесена во мај лани, во декември истата година беше поништена од скопска Апелација. Обвинетиот Ѓоко Поповски тогаш се изјасни дека не е виновен за набавка на 300 возила за МВР во периодот од 2008 до 2012 година, набавка која според СЈО не ги почитувал законските прописи за јавна набавка и го оштетил буџетот 453.570 евра.

„Не сум сторил кривично дело, ниту сум го оштетил МВР, туку напротив сум му заштедил пари. Во текот на судскиот процес ќе докажам дека сум невин“ – изјави пред судскиот совет обвинетиот Поповски.

Следното рочиште продолжува на 22 март.